Напаѓачот на Интер сезонава постигна 15 гола на гости

Лукаку израмни 70-годишен гостински рекорд на Интер

Белгискиот репрезентативец Ромелу Лукаку е првиот фудбалер на Интер, по Стефано Ниерс, од пред седум децении (во сезоната 1949/1950), што постигнал 15 гола на гости во една сезона во Серија А. На мечот против Џенова, победа со 3-0, Лукаку постигна два гола и го израмни рекордот.
Лукаку, поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед и на Челси, е во добра форма во продолжението од сезоната, по тримесечната суспензија поради пандемијата на ковид-19, и на деветте натпревари постигна шест гола. Сезонава тој постигна вкупно 23 гола во Серија А, вкупно 29 на 44 настапи во сите натпреварувања.
– Лично, среќен сум, но мислам дека како тим можеме да сториме многу повеќе. Имаме добар состав, не е лесно да се биде на второто место, но сакаме да победуваме и да бидеме што е можно повисоко на табелата. Сакам да му помогнам на Интер да го постигне тоа. Загубивме премногу бодови, но ние сме млада екипа и желни сме да се подобруваме – изјави Лукаку за „Скај Италија“.
Интер ќе ја заврши прволигашката кампања сезонава во Серија А со натпреварите против Наполи дома и против Аталанта на гости, по што следува дуелот против Хетафе во осминафиналето на Лига Европа.
По некомплетното 36. коло, Јувентус води во првенството на Италија, со 80 бода од 35 средби, а Интер е втор, со 76 бода од 36 натпревари. 


Само два тима претрчале повеќе од 4.000 км сезонава

Фудбалерите на Баер Леверкузен и на Унион Берлин единствени сезонава претрчале повеќе од 4.000 км во текот на сезоната во Бундес-лигата, пишува германскиот дневен спортски весник „Кикер“ на својата интернет-страница. Така, водечки е Баер, со малку повеќе од 4.054 км, а зад него е Унион Берлин, кој сезонава се врати во Бундес-лигата, со малку повеќе од 4.014 км. Потоа на листата следуваат Падерборн со 3.997 км, Лајпциг со 3.994, Фрајбург со 3.985 км итн. Фудбалерите на шампионот Баерн на оваа листа се десетти, со претрчани малку повеќе од 3.930 км, пишува „Кикер“.


Мбапе се повреди во победата на ПСЖ во финалето на Купот

Фудбалерот на Пари сен Жермен, младиот Килијан Мбапе (21) доживеа истегнување на десниот глужд во првото полувреме на финалниот натпревар за Купот на Франција против Сент Етјен (победа на ПСЖ со 1-0), на стадионот „Стад де Франс“, каде што имаше околу 2.500 гледачи на трибините, разделени меѓу себе во објектот што може да прими 80.000 луѓе. Таа глетка е и своевидна најава што може да се очекува есенва на стадионите низ Европа.
Тоа беше првиот официјален натпревар во Франција откако првенството заврши во април, со ПСЖ како првак.
– Мбапе има сериозна повреда на десниот зглоб, а тежината на повредата ќе биде проценета со натамошната клиничка анализа на снимките – велат од ПСЖ.
ПСЖ треба да го одигра и мечот со Лион во финалето на Лига-купот на Франција, в петок, а потоа треба да следува дуелот со италијанската Аталанта во четврт-финалето на Лигата на шампионите, на 12 август. 


Новата сезона во Премиер-лигата треба да почне на 12 септември

Новата сезона во англиската фудбалска Премиер-лига треба да почне на 12 септември, а да заврши до 23 мај 2021 година, 19 дена пред почетокот на одложеното Европско првенство (ЕП). Сезоните во дивизиите Чемпионшип, во Лига 1 и во Лига 2, исто така, треба да почнат на 12 септември, но ќе треба да завршат на 8 и на 9 мај. Плејоф-натпреварите се планирани за последниот викенд во мај.
Од Премиер-лигата соопштија дека „ќе продолжат да се консултираат“ со Фудбалската асоцијација (ФА) „во врска со закажувањето на сите домашни натпреварувања“. Станува збор за тоа кога ќе почнат екипите што уште се натпреваруваат во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ). Во ЛШ мечевите продолжуваат на 7 август, а во конкуренција се Манчестер сити и Челси. Финалето е закажано за 23 август, во Лисабон.
Во ЛЕ, пак, каде што осминафиналните мечеви треба да продолжат на 5 август, со финале на 21 август, од англиските клубови останаа Манчестер јунајтед и Вулверхемптон.