Лукаку, кој е најдобар стрелец на Белгија на сите времиња, со 64 гола, стана третото најскапо купување во историјата на Италија, а сега ќе биде и најскапиот играч што некогаш го продал клуб од Серија А

Лукаку во Челси за 115 милиони евра!

Европскиот шампион Челси е блиску до официјализирање на договорот со Белгиецот Ромелу Лукаку (28) од Интер за рекордни, за клубот, 97,5 милиони фунти (115 милиони евра). Како што пишува „Би-би-си“, веќе сѐ е договорено, односно останува да се прецизираат некои детали, по што Лукаку повторно ќе се врати во клубот каде што мина три сезони од 2011-та, иако две од тие три сезони беше во ВБА и во Евертон на заем. Враќањето на „Стамфорд бриџ“ летово ќе биде по седум години откако замина во Евертон со валиден договор. Во 2017 година, тој требаше пак да се врати во Челси, но, наместо тоа, одлучи да потпише за Манчестер јунајтед, за 75 милиони фунти (88,5 милиони евра).
Трансферот на Лукаку би бил само малку под британскиот рекорд од 100 милиони фунти (118 милиони евра), кои Манчестер сити му ги плати на Астон вила за играчот од средниот ред на Англија, Џек Грилиш.
Лукаку постигна 47 гола на 72 натпревари за Интер во Серија А во текот на двете сезони на „Сан Сиро“, со што му помогна на Интер да ја освои шампионската титула, прва по 2010 година. Лукаку, кој е најдобар стрелец на Белгија на сите времиња, со 64 гола, стана третото најскапо купување во историјата на Италија, а сега ќе биде најскапиот играч што некогаш го продал клуб од Серија А.


Лестер подобар од Манчестер сити!

Лестер, ланскиот победник во ФА-купот, го совлада Манчестер сити, шампионот во Премиер-лигата, со 1-0, во меч на „Вембли“, кој традиционално се игра во пресрет на новата сезона, која почнува викендов. Стрелец на единствениот гол беше Келечи Иеаначо, во 89-та минута.
За „лисиците“ ова е трет поголем трофеј во последните пет години, откако во 2016-та ја освоија титулата во Премиер-лигата, а лани победија во ФА-купот.
Со исклучок на 2019 година, кога Манчестер сити ги освои двете титули, тимовите победници во ФА-купот го освојуваа трофејот на „Комјунити шилд“ во шест од минатите седум кампањи, освен во 2018 година, кога Сити го совлада Челси, со 2-0.
Рекордното засилување на Манчестер Сити, вредно 100 милиони фунти, Џек Грилиш, дебитира за новиот тим во 65-та минута, но немаше позабележителен ефект.


Натпреварот меѓу европскиот првак, Челси, и освојувачот на Лига Европа, Вилјареал, ќе се игра в среда, во Белфаст, Северна Ирска

Челси за втор, Вилјареал за прв трофеј

Победникот во Лигата на шампионите (ЛШ), Челси, ќе игра против освојувачот на Лига Европа (ЛЕ), Вилјареал, за Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА) в среда, на стадионот „Виндзор парк“, во Белфаст, Северна Ирска. Судија на овој натпревар ќе биде Русинот Сергеј Карасев.
За Челси ова ќе биде петти настап во Суперкупот на УЕФА, што е помала бројка од само пет екипи. Тоа се Барселона (9), Милан (7), Реал Мадрид (7), Ливерпул (6) и Севилја (6). Најуспешни, со по пет освоени суперкупа, се Милан и Барселона, а Реал и Ливерпул триумфирале четири пати, Атлетико трипати итн. „Сините“ од Лондон само еднаш победиле, против Реал Мадрид (1-0) во 1998 година. Во следните три вакви меча беа поразени од Атлетико (1-4) во 2012-та, од Баерн (2-2, 4-5 на пенали) во 2013-та и од Ливерпул (2-2, 4-5 на пенали) во 2019 година.
За шпански Вилјареал ова ќе биде прв натпревар од ваков формат, од едноставна причина што триумфот во ЛЕ беше прв поголем во клупската историја.
Меѓу фудбалерите, најуспешни со по четири трофеи се Дани Алвеш (со Севилја во 2006-та и со Барселона во 2009, 2011 и 2015 година) и Паоло Малдини (со Милан во 1989, 1990, 1994, 2003 година). Кај тренерите со по три освоени суперкуп-пехари може да се пофалат само Карло Анчелоти и Пеп Гвардиола, плус уште по еден како фудбалери.

Поради пандемијата на ковид-19, на трибините ќе има само 13.000 гледачи, од кои ќе се бара да покажат доказ за негативен тест. Внатре на стадионот нема да се продаваат храна и пијалаци.
Белфаст ги следи Прага (2013), Кардиф (2014), Тбилиси (2015), Трондхајм (2016), Скопје (2017), Талин (2018), Истанбул (2019) и Будимпешта (2020), како градови во кои се одигра Суперкупот откако УЕФА одлучи Монако повеќе да не биде домаќин на тој меч на стартот од новата сезона.
Лани победник беше европскиот првак Баерн, кој во Будимпешта ја совлада Севилја, со 3-2. Во досегашните 45 вакви натпревари, првакот на Европа победил 25, а победникот во Купот на победниците на куповите (КПК)/ЛЕ/ Купот на УЕФА, 20 пати.