Светот уште не е подготвен за натпреварувачки фудбал, но се надевам дека ова може да се промени брзо и се надевам дека ќе се случи. Ова е најдраматична ситуација во која живееме по Втората светска војна, вели шефот на медицинскиот комитет на ФИФА, Мишел д’Ог. Советникот за јавно здравје на СЗО, д-р Брајан Меклоски, пак, вели: „Аматерскиот спорт на пониско ниво е првиот што би можел да се рестартира, а поголемите настани летово би биле предизвик. Колку што е поголемо натпреварувањето, толку е покомплицирано сето тоа да се организира и да биде безбедно“

Белгиецот д-р Мишел д’Ог, шеф на медицинскиот комитет на Светската фудбалска федерација (ФИФА), вели дека „како доктор“ е скептичен во врска со рестартирањето на лигите поради пандемијата на коронавирусот, се залага да не продолжи прекинатата сезона и предлага, наместо тоа, сите да се подготвуваат за следната сезона, пренесе „Би-би-си“.

– Светот уште не е подготвен за натпреварувачки фудбал, но се надевам дека ова може да се промени брзо и се надевам дека ќе се случи. Во моментов ни треба повеќе трпение. Ова е најдраматична ситуација во која живееме по Втората светска војна. Не треба да ја потценуваме, мора да бидеме реални. Фудбалот може да се игра само ако повторно се можни контакти. Фудбалот е таков спорт и избегнувањето контакт е една од првите работи што сега се истакнуваат и се препорачуваат. Тестирањата се важни, но мора да се повторуваат.

Ако некој од играчите стане позитивен, треба целата група да ја ставите во карантин. Не може да се играат натпревари во Премиер-лигата кога играчите се должни да бидат оддалечени два метра едни од други. Дали некогаш сте се обиделе да играте фудбал со маска – вели Д`Ог за „Скај спорт“.
Европските фудбалски лиги треба до 25 мај да ѝ одговорат на Европската фудбалска унија (УЕФА) дали ќе ги завршат или ќе ги откажат сезоните во соодветните земји. Д’ Ог вели дека некои „хигиенски правила“ треба да се стават во функција.
– Мислам дека за комплетно решение ќе мора да почекаме до пронаоѓањето вакцина, но дотогаш ќе треба да размислиме за некои хигиенски правила. На пример, како да се избегне плукањето. Такво нешто имаме само во фудбалот, но не во други спортови – вели Д’Ог, пренесува „Би-би-си“.

Спортот треба да се врати „оддолу нагоре, а не одгоре надолу“ кога ќе се намали опасноста од коронавирусот, според советникот за јавно здравје на Светската здравствена организација (СЗО), д-р Брајан Меклоски, поранешен директор за јавно здравје за Летните олимписки игри што се одржаа во Лондон во 2012 година.
– Аматерскиот спорт на пониско ниво е првиот што би можел да се рестартира, а поголемите настани летово би биле предизвик – вели Меклоски за „Би-би-си“.
Тој смета дека е „многу полесно“ еден локален спортски клуб или терен да профункционира безбедно, можеби кон крајот на пролетта или во почетокот од летото, но се сомнева дека тоа е можно во спортот на повисоко ниво.

– Колку што се поголеми натпреварот и натпреварувањето, толку е покомплицирано сето тоа да се организира и да биде безбедно. Настани што вклучуваат многу патувања низ целата земја или помеѓу државите се многу комплицирани. Локален натпревар, трчање во околината, би можело наскоро да се случи – вели Меклоски.


Треба да се даде доволно време за ризикот од повреди да биде минимален

Лекарите и кондициските тренери од Шпанија предупредуваат дека откако ќе се вратат фудбалерите на терените, по завршувањето на пандемијата на коронавирусот, можно е да следува бран на повреди. Фудбалерите во Шпанија се надеваат дека ќе се вратат на терените следниот месец, по пауза од еден и пол месец.

– Играчите веќе седум недели се надвор од натпреварувачката конкуренција, заклучени во своите домови, а немаат сите големи куќи каде што може и физички да се подготвуваат. Се соочуваме со непозната ситуација. Не знаеме колку време им е потребно за физички да закрепнат кога ќе излезат повторно на терените, а да нема значително зголемување на повредите. Треба да им се даде доволно време до првенството за ризикот да биде минимален – смета д-р Рафаел Рамос, претседател на Здружението на лекари на фудбалските клубови во Шпанија, пренесуваат медиуми од таа земја.

Фудбалското првенство на Шпанија беше прекинато на 13 март поради пандемијата на коронавирусот, а челниците на Ла лига сметаат дека по тестирањето играчите би можеле да почнат со тренинзи на стадионите по 10 мај, до кога е во сила и вонредната состојба во Шпанија. Г.И.


Сезоната во француската лига нема да продолжи

Фудбалските сезони во Лига 1 и во Лига 2 во Франција нема да продолжат, откако Владата ги забрани до септември сите спортски настани, вклучувајќи ги и тие зад затворени врати. Французите се надеваа дека ќе продолжат со натпреварите на 17 јуни и ќе ги завршат до 25 јули. Европската фудбалска унија на лигите минатата недела им кажа дека играњето на екипите во еврокуповите ќе се базира врз постигнувањата на теренот.

Ако не е можно завршување на сезоната, националните асоцијации треба да ги одредат клубовите што ќе се квалификуваат за европските купови. Уште не е познато дали Фудбалската професионална лига на Франција ќе ја поништи сезоната без да прогласи првак, односно да нема испаѓање. Има навестувања дека сезоната нема да се поништи, што значи дека би се сметал сегашниот пласман на табелата. На 10 кола до крајот на сезоната, ПСЖ е лидер со 12 бода предност пред Марсеј.