Италијанскиот гигант Интер потпиша нов договор со тренерот Лучано Спалети, откако стратегот ќе остане на „Џузепе Меаца“ до јуни 2021 година, објави официјалната веб-страница на „нероазурите“.
Минатото лето, поранешниот ментор на Рома и Зенит потпиша двегодишен договор со клубот од Милано, и не беше докрај јасно дали сака долгорочно да се поврзе со „црно-сините“. Меѓутоа, денес беше ставен крај на шпекулациите.
Во својата прва сезона на чело на Интер, 59-годишниот Спалети го одведе тимот до четвртото место во Серија „А“ по победата од 3:2 во Рим против Лацио во последниот круг, а со тоа и настап во Лигата на шампионите претстојната сезона.