Покрај третото место во групата, на кое Македонија досега никогаш не била на крајот од едни квалификации, црвено-жолтите поставија нови граници и за освоени бодови во групата, односот на победи и порази…
Македонската фудбалска репрезентација квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година ги заврши со неколку рекордни постигнувања. Покрај тоа што црвено-жолтите се пласираа на третото место во групата, што е највисок пласман досега во кој било квалификациски циклус, за европските или за светските првенства (СП), избраниците на селекторот Игор Ангеловски освоија рекорден број бодови и првпат едни квалификации ги завршуваат без негативен вкупен скор (број на победи и порази).
ПЛАСМАН ВО ГРУПАТА: Тоа што се најавуваше последниве неколку недели, репрезентацијата на Македонија го оствари, па со победата над Израел со 1-0 во 10-то коло во вторникот во Скопје, но и со поразот на Словенија на гости кај Полска со 2-3, го освои третото место во групата Г. Досега највисок пласман на Македонија беше четвртото место, освоено шест пати, од тоа по трипати во група со пет репрезентации и со шест селекции и по трипати во квалификации за ЕП и за СП. Сега првпат е забележан пласман во првата половина од групата. Македонија претходно била и четири пати петта и двапати шеста, последна во групата.
БРОЈ НА БОДОВИ: Со 14-те бода во квалификациите за ЕП 2020 македонската репрезентација израмни рекорд во вкупен број бодови, оти 14 имаше и во квалификациите за ЕП 2008. Но тогаш тие 14 бода беа освоени на 12 меча (се играше во група со седум селекции), а сега Македонија освои 14 на 10 средби. Но поставен е нов рекорд во процент на освоени бодови од вкупно можните, со 46,7 проценти (14 бода од 30 можни), а 14-те бода од квалификациите за ЕП 2008 се 38,9 отсто. Досегашниот рекорд во оваа категорија беше од квалификациите за СП 1998, кога беа освоени 13 бода или 43,3 отсто од можните бодови (група со шест селекции).
ВКУПЕН СКОР: Македонија првпат ги завршува квалификациите за некое големо натпреварување, ЕП или СП, без негативен вкупен скор, односно првпат нема помалку победи од порази. Во циклусот за ЕП 2020 црвено-жолтите немаат позитивен скор, но немаат ниту негативен, оти остварија по четири победи и порази и уште две нерешени средби. Во сите претходни 12 квалификациски циклуси Македонија имаше помалку победи од порази. Како податок плус е и тоа што Македонија постигна голови на осум од десетте средби (не ја затресе мрежата само на првопласираната Полска), а од тие осум меча во повеќе од половината, на пет дуела, прва постигна гол.
МЕЃУСЕБЕН СКОР: Во овие квалификации, за континенталното првенство в година, првпат Македонија оствари и позитивен скор со три репрезентации, од кои не загуби ниту еднаш. Така, македонската селекција двапати ја победи репрезентацијата на Летонија, а со Словенија и со Израел имаше по една победа и пораз.
ДРУГИ ПОДАТОЦИ: Ангеловски во квалификациите главно се потпираше на стандарден состав, употреби 26 репрезентативци (според статистиката на УЕФА), но од нив 14 играа барем на половина од 10-те меча. Прв стрелец е Елиф Елмас со четири гола, најмногу натпревари одигра голманот Столе Димитриевски, сите 10, вкупно седум фудбалери се запишаа во листата на стрелците, првпат и еден автогол беше за црвено-жолтите, Македонија на по два меча не постигна и не прими гол итн.