Дуелите Реал Мадрид – Ливерпул и Баерн – Пари сен Жермен сега се мечеви во четврт-финалето, а беа средби од финалињата во 2018, односно во 2020 година. Другите две двојки се Манчестер сити – Борусија Дортмунд и Порто – Челси, што ќе се игра на неутрален терен

ЛИГА НА ШАМПИОНИ

По паузата поради квалификациските натпревари за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во фудбал, утре и задутре продолжуваат возбудувањата во Лигата на шампионите (ЛШ). Во репризата на финалето од 2018 година во Киев, Ливерпул ќе се обиде да му се реваншира на Реал Мадрид за поразот со 1-3. На клупите на двата тима, на Реал, најтрофејниот со 13-те титули и на Ливерпул, кој шест пати бил победник, повторно ќе бидат Зинедин Зидан и Јирген Клоп, но покрај нив, има и многумина играчи од тоа финале, Лука Модриќ, Карим Бензема, Мохамед Салах, Садио Мане, без повредениот капитен на „кралевите“ Серхио Рамос…
Во натпреварите во европска конкуренција двата тима се израмнети со по три победи во шесте средби.
– Реал Мадрид против Ливерпул е секогаш голем меч, играат две од најголемите имиња во светскиот фудбал – изјави напаѓачот на Реал Мадрид, Родриго.
Ерлинг Холанд од Борусија Дортмунд, најдобриот стрелец во ЛШ сезонава со 10 погодоци, роден е истото лето, во 2000 година, кога неговиот татко Алф-Инге Холанд го напушти Лидс и се пресели во Манчестер сити. Сити се смета за фаворит, игра во голема форма, и е во серија од шест победи, дома и на гости против германските клубови и ќе стори сѐ за да обезбеди солидна предност пред реванш-мечот. Борусија Д. осцилира со формата, а ги загуби и последните пет меча против противници од Премиер-лигата.

Парижанецот Кингсли Коман, кој го постигна единствениот гол за Баерн против ПСЖ во финалето на ЛШ лани, има нова шанса да биде архитект на поразот на неговиот локален тим. Баерн ќе биде без првиот стрелец, Роберт Левандовски кој ќе ги пропушти двата меча поради повреда.
Порто ја разбранува конкуренцијата со елиминирање на Јувентус предводен од Кристијано Роналдо во осминафиналето по продолженијата во Торино.
– Никогаш не престанавме да веруваме, ова е вистинската ДНК на Порто – изјави тренерот на португалскиот тим, Сержио Консеисао по тој меч.
Проблем за Порто ќе биде неиграњето на Мехди Тареми, кој беше исклучен и на Сержио Оливеира, најдобриот стрелец сезонава со пет гола.
Челси беше во добра форма, сѐ до поразот дома од ВБА (2-5) во саботата, што го изненади менаџерот Томас Тухел. Она што е сигурно е дека ќе ја нема предноста на домашниот терен, бидејќи и двата меча ќе се играат во Севилја (Шпанија).