Горан Пандев ја пролонгира одлуката за крај на кариерата. Капитенот на македонската фудбалска репрезентација има желба да игра на Европското првенство. Поради пандемијата УЕФА го одложи ЕП за наредната година, а баражите преку кои Македонија ќе се обиде да избори пласман на континенталниот шампионат ќе се играат во септември.
– Мојот сон е да ја завршам кариерата со настап на ЕП, поради тоа би сакал да продолжам да играм уште една година – изјавил Пандев за „Скај Спортс Италија“.
Во интервјуто 37-годишниот играч на Џенова открил дека во јануарскиот преоден рок имал понуда да се врати во Интер, шест месеци да биде играч, а потоа да седне во директорска фотелја.
– Пјеро Аусилио ми се јави, помислив дека се шегува со мене. Му реков да бараат некој помлад. Јас решив да останам во Џенова. И покрај сѐ ќе му бидам благодарен на Интер. Тој клуб ме донесе во Италија, ми го промени животот – рекол Пандев.