Атлетико го пречекува Ливерпул, со Суарез во нападот, кој веќе настапи како фудбалер на Барселона против „црвените“, за кои неколку години играше со голем успех (82 гола на 133 меча), Шахтар го пречекува Реал и се надева на трета победа по ред, можен е дуел на кој двајца ќе го одиграат 100-от натпревар во европската клупска конкуренција, Милер е на еден гол до елитното голгетерско друштво во ЛШ…

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Со натпреварите од третата рунда, неделава продолжуваат возбудувањата во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), со неколку интересни меча што привлекуваат внимание.
Атлетико го пречекува Ливерпул во Мадрид, со Луис Суарез во нападот, кој неколку години со голем успех играше за „црвените“ и на 133 натпревари постигна 82 гола. Тој потоа се пресели во Барселона, со која настапи во назаборавното полуфинале против Ливерпул во мај 2019-та. Во првиот меч, Барселона дома победи со 3-0, но во реваншот Ливерпул славеше со 4-0, а потоа ја освои и титулата европски првак, победувајќи го во финалето Тотенхем со 2-0, на стадионот на Атлетико Мадрид, „Метрополитано“. Одбраната на европската титула на Ливерпул следната сезона ја спречи Атлетико, со елиминацијата во осминафиналето (1-0 и 3-2).
Шахтар го пречекува Реал Мадрид и се надева на трета последователна победа во меѓусебните дуели во групната фаза, откако минатата сезона победи на гости со 3-2 и дома со 2-0. Ретко се случува еден фудбалер да одигра 100 меча во европската клупска конкуренција, уште поретко тоа да им се случи на двајца на ист натпревар.

Тоа може да се очекува во Санкт Петербург в среда, ако на теренот се најдат дефанзивецот на Зенит, Јарослав Ракицки, и неговиот колега од Јувентус, Леонардо Бонучи. Двајцата ги почнаа првите два натпревара во групната фаза сезонава, беа клучни за нивните тимови.
Бенфика беше убедлива против Барселона во второто коло (3-0), но победата дома против Баерн в среда, веројатно, ќе биде многу поголемо достигнување за португалскиот тим, со оглед на фактот дека на претходните осум меча во ЛШ ниту еднаш немаат триумфирано (пет порази и три ремија). На Томас Милер му треба уште еден гол за да стане осмиот фудбалер што постигнал 50 гола во ЛШ.


ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, 3. КОЛО

ВТОРНИК
Група А: Бриж – Манчестер сити, ПСЖ – Лајпциг
Група Б: Атлетико – Ливерпул, Порто – Милан
Група Ц: Бешикташ – Спортинг, Ајакс – Борусија Д.
Група Д: Шахтар – Реал Мадрид, Интер – Шериф

СРЕДА
Група Е: Барселона – Динамо К., Бенфика – Баерн
Група Ф: Јанг Бојс – Вилјареал, Манчестер ј. – Аталанта
Група Г: Салцбург – Волфсбург, Лил – Севилја
Група Х: Челси – Малме, Зенит – Јувентус