Просечната возраст на фудбалерите на СП 2018 ќе биде 27 години и 11 месеци. Во фудбалот годините не играат голема улога, за што пример е и Бразил, кој во 1958 година првата титула ја освои со еден од најмладите шампионски состави, а четири години подоцна за новата круна го имаше најстариот состав во историјата на СП. Возраста на тимот нема значење, ако тој тим е екстремно талентиран

Од четврток почнува светското првенство (СП) со во просек највозрасни фудбалери на мундијалите. Според податоците што во пресрет на 21-то СП во Русија ги објави Светската фудбалска федерација (ФИФА), просечната возраст на фудбалерите на планетарниот собир ќе биде речиси 28 години (27 години и 11 месеци). Со тоа ова СП ќе биде „најстарото“ во својата историја. И претходните пет светски првенства беа со просечна возраст на играчите од над 27 години (минатото било со 27 години и три месеца, а тоа во 1998 година било во просек „постаро“ за четири месеци).
Секако, овој податок не значи ништо, бидејќи одамна во фудбалот годините не играат голема улога. Ова само може да значи дека во Русија ќе се игра „најзрелиот“ шампионат, со најголемите ѕвезди во својот зенит, во најголема форма, згора секој од нив е со посебен мотив за игра, што само може да донесе одличен фудбал. За тоа дека годините не се важни покажува кратката листа на некои од фудбалерите што ќе играат на СП 2018 и кои на свој начин ја одбележаа и клупската сезона – Андрес Иниеста има 34 години, Кристијано Роналдо 33, Луис Суарез 31, Лионел Меси 30, Томас Милер 28, Еден Азар и Антоан Гризман по 27, Нејмар 26, Мохамед Салах 25, Хари Кејн 24, Килијан Мбапе 19 итн.

Кога некои од ѕвездите на фудбалот брилираа на мундијалите имаа приближна возраст како актуелните, како, на пример, Пеле (29 години на СП 1970), Боби Мур (25 на СП 1966), Франц Бекенбауер (28 на СП 1974), Јохан Кројф (27 на СП 1974), Диего Марадона (25 на СП 1986), Паоло Роси (25 на СП 1982), Марио Кемпес (23 на СП 1978), Зинедин Зидан (25 на СП 1998), Роналдо (25 на СП 2002) итн.
Но, колку години се „потребни“ за да се игра добро на светско првенство? Според некои анализи, фудбалската зрелост е меѓу 27 и 29 години, а околу 27 и пол години е просечната возраст на шампионите на 20-те досегашни светски првенства, од најмладиот на Аргентина (25,7 во 1978 година) до најстариот на Бразил (30,7 години на СП 1962). Составот на Германија од минатото СП беше со просечна возраст од 25,8 години на сите 23 фудбалери, а 26 години и девет месеци на почетните 11 од финалето.

Кога во 1958 година во Шведска ја освои првата светска титула, Бразил го имаше еден од најмладите шампионски состави (26,3), но четири години подоцна во Чиле за новата планетарна круна го имаше најстариот состав (30,7), најмногу поради осумте фудбалери од претходното светско првенство. Сево ова е уште еден доказ дека возраста на тимот нема значење, ако тој тим е екстремно талентиран.
Според податоците, на СП 2018 најстарите селекции ќе ги имаат Костарика, Мексико, Панама, Аргентина и Египет, сите со просечна возраст од 29 или 29 и неколку месеци, а најмладите Нигерија, Франција, Англија, Тунис и Србија, со возраст од по 26 до 26 години и 10 месеци во просек по фудбалер.


За 73 отсто фудбалери ова ќе биде прв мундијал

Според ФИФА, на СП 2018 ќе има 200, од вкупно 736 фудбалери, што имаат настап на барем едно СП. На минатото СП во 2014 година, оваа бројка била 236, што значи дека овој мундијал од овој аспект ќе биде „понеискусен“, оти повеќе од две третини (речиси 73 отсто) од фудбалерите ќе дебитираат на СП. Од актуелните фудбалери за СП 2018, 186 играле и на СП 2014 во Бразил, 61 биле во составите и за Мундијалот во 2010-та во Јужна Африка, 21 настапиле на СП 2006 во Германија, а еден, Рафаел Маркес од Мексико, и на СП 2002 во Јужна Кореја и во Јапонија. Ако заигра и во Русија, Маркес ќе се израмни со рекордерите Антонио Карбахал од Мексико и Лотар Матеус од Германија со настапи на по пет светски првенства (Џанлуиџи Буфон од Италија беше на пет мундијали, но во 1998 година немаше ниту една минута настап).


Деветмина Германци и шестмина Шпанци ќе играат за втора титула

Германија ќе ја брани светската титула со девет фудбалери од составот што пред четири години во Бразил го крена трофејот, но и Шпанија има шестмина што играа во 2010 година, кога таа репрезентација во Јужна Африка стана светски првак. Кај Германците тоа се Томас Милер (28), Мануел Ноер (32), Тони Крос (28), Матс Хумелс (29), Жером Боатенг (29), Јулиан Дракслер (24), Сами Кедира (31), Месут Озил (29) и Матијас Гинтер (24). Во шпанската селекција ќе играат Серхио Бускетс (29), Андрес Иниеста (34), Серхио Рамос (32), Жерар Пике (31), Давид Силва (32) и Пепе Реина (35), кои знаат како се освојува светската круна.