Пред денешната ждрепка тешко е да се издвои некој најинтересен или најпосакуван дуел, затоа што сите, на еден или на друг начин, се привлечни. Меѓу осумте тима во завршницата, само два досега не биле европски прваци, ПСЖ и Манчестер сити, а преостанатите шест, Реал Мадрид, Баерн, Ливерпул, Порто, Челси и Борусија Дортмунд, меѓу себе имаат освоено 29 трофеи

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Три тима од Англија, Ливерпул, Манчестер сити и Челси, два од Германија, актуелниот европски првак, Баерн и Борусија Дортмунд и по еден од Шпанија, Реал Мадрид, од Франција, Пари сен Жермен и од Португалија, Порто се пласираа во четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Меѓу осумте тима само два досега не биле европски прваци, ПСЖ, кој лани беше вицешампион, и Манчестер сити, кој најдалеку стигна до полуфиналето во 2016 година. Преостанатите шест екипи меѓу себе имаат освоено 29 трофеи, најмногу Реал Мадрид, 13, Баерн и Ливерпул имаат по шест, Порто два, а Челси и Борусија Дортмунд по еден.
Бранителот на титулата Баерн е непоразен на претходните 19 натпревари во ЛШ, со што го израмни клупскиот рекорд поставен во периодот од 2001 до 2002 година кога беше во иста таква победничка серија. Тренерот на Баерн, Ханс Дитер Флик, е првиот тренер во историјата на ЛШ, вклучувајќи ги и финалињата, што победил на првите седум натпревари во нокаут-фазата.

Пред денешната ждрепка тешко е да се издвои некој најинтересен или најпосакуван дуел, затоа што сите, на еден или на друг начин, се привлечни. Некои тимови, иако не се во најдобра форма во домашните првенства, се клубови со големо реноме и на нив секогаш треба да се смета. Порто на хартија се смета за аутсајдер, но во осминафиналната рунда го елиминира Јувентус во голем стил и е можното пријатно изненадување сезонава во ЛШ.
Старите и новите ривалства би можеле да се обноват, со можен, на пример, нов меч „Дер класикер“, Баерн – Борусија, или Ливерпул – Манчестер сити. Или, пак, германска менаџерска пресметка, Јирген Клоп со Ливерпул против Томас Тухел со Челси, односно двајцата би можеле да се сретнат со поранешниот клуб Борусија.

Тухел, исто така, би можел да се сретне со ПСЖ, тимот со кој лани играше во финалето против Баерн… Следните дуели би можеле да значат и своевидни „реванши“ на финалињата од минатите години, како ПСЖ – Баерн (од 2020 година), Реал – Ливерпул (1981 и 2018), Баерн – Борусија (2013), Челси – Баерн (2012) и Порто – Баерн (1987 година).
Ждрепката за четврт-финалните дуели, како и за полуфиналните, е закажана за денеска напладне во Нион, Швајцарија. Нема никакви ограничувања за тоа која екипа со кого ќе игра на 6 и 7, односно на 13 и 14 април.


ЧЕТВРТФИНАЛИСТИ

Баерн Германија
Борусија Дортмунд Германија
Челси Англија
Ливерпул Англија
Манчестер сити Англија
Пари сен Жермен Франција
Порто Португалија
Реал Мадрид Шпанија