Приходите од над 500 милиони фунти (583,6 милиони евра), втора година едноподруго, му помогнаа на англискиот првак да оствари профит од 10,1 милиони фунти (11,8 милиони евра), петта година во низа
Фудбалскиот првак на Англија, Манчестер сити, објави рекордни приходи од 535,2 милиони фунти (624,7 милиони евра) за сезоната 2018/2019. Приходите од над 500 милиони фунти (583,6 милиони евра), втора година едноподруго, му помогнаа на Сити да оствари профит од 10,1 милиони фунти (11,8 милиони евра), петта година во низа. Тимот предводен од Пеп Гвардиола во минатата сезона освои три трофеи, во Премиер-лигата, во ФА-купот и во Лига купот.
– Нашата организираност сега е на ниво што ни овозможува да планираме во повеќегодишни циклуси, како во однос на тимот, така и пошироко во бизнисот. Стратегиското планирање ни овозможува да создадеме опкружување во кое континуираните успеси на фудбалскиот терен се можни и многу веројатни, а финансиската одржливост е реалност. Во сезоната 2018/2019, 11-та во низа, забележавме раст на приходите, што делумно е резултат на тековното инвестирање во фудбалската експертиза, не само во Манчестер, туку и во целиот свет. Таа инвестиција ќе остане фундаментална за нашиот пристап – вели за англиските медиуми Калдун ал Мубарак, првиот човек на Сити.
Добар дел од приходите се од УЕФА, од првата сезона од тригодишниот договор за ТВ-правата за пренос на мечевите во Лигата на шампионите (ЛШ), во износ од над 100 милиони евра што е драстично зголемување во однос на претходните 12 месеци кога беа инкасирани 63,7 милиони евра. Сезонава Сити ја почна со профитабилниот 10-годишен договор со производителот на спортска опрема „Пума“, од 75 милиони евра по сезона. Финансискиот ефект од овој договор ќе биде прикажан следната година. Платите во Сити се зголемија за 67 милиони евра, а изнесувале 368 милиони евра, при што соодносот плата/приходи е зголемен за само седум проценти, од 52 на 59 отсто.