Македонските претставници Шкендија, Ренова и Силекс би можеле да се соочат со атрактивни противници доколку ја минат втората квалификациска рунда за пласман во Лига Европа. Ова е резултат од денешната ждрепка влечена во Нион, Швајцарија.

Доколку Шкендија го мине романски тим Ботошани, во третата рунда ќе се сретне со победникот од дуелот помеѓу Локомотив Пловдив и Тотенхем. Англискиот клуб предводен од менаџерот Жозе Мурињо е апсолутен фаворит во оваа пресметка.

Ренова за пласман во третата рунда се бори со Хајдук Сплит. Ако тетовци слават против хрватскиот клуб, во следната рунда ги чека подобриот од натпреварот помеѓу Нефчи (Азербејџан) и Галатасарај (Турција).

Противник на лидерот во домашното првенство Силекс во второто коло ќе му биде претставникот на Косово, Дрита. Доколку екипата од Кратово ја мине втората рунда, во третата за противник ќе го има најславниот полски тим Легија од Варшава.

Натпреварите во третата фаза ќе се играат на 24 септември, а реваншите на програмата ќе бидат на 1 октомври.


Динамо на Адеми го избегна големиот ривал

Точно напладне во седиштето на УЕФА беа извлечени двојките за плејофот во фудбалската Лига на шампионите. Динамо Загреб на македонскиот репрезентативец Аријан Адеми го очекува победникот од дуелот помеѓу азербејџански Карабах и норвешки Молде, доколку го помине унгарски Ференцварош во третото квалификациско коло. Постоеше можност Динамо во плејофот да се сретне со големиот ривал Црвена звезда.

Црвена звезда, доколку ја елиминира Омонија во третото коло, за пласман во фазата по групи ќе игра против Олимпијакос, Славија Прага го чека победникот од натпреварот помеѓу Јанг Бојс и Митјиланд, додека Макаби Тел Авив или Динамо Брест ќе се соочат против Салцбург.

Во другата половина каде што се второпласираните екипи од националните првенства, во плејофот ќе играат Краснодар против победникот од натпреварот Бенфика-ПАОК, односно од победникот од дуелот Гент-Рапид Виена против Динамо Киев или АЗ Алкмар.

Првите натпревари на програмата се на 22 и 23 септември, а реваншите на 29 и 30 септември.