Менаџерот Јирген Клоп при доаѓањето во англискиот фудбалски клуб Ливерпул, пред две и пол години, порача, „потребно е скептиците да почнат да веруваат“.
– Ливерпул моментно е премногу нервозен, песимистички расположен и скептичен. Ја слави играта, но не верува во моментот. Сите гледаат единствено кон минатото, кон тоа што било пред пет, десет, дваесет години – порача Клоп во октомври 2015 година.
Се чини, дека неговата желба за стекнување на верба, се оствари со победата над Рома од 5-2 во првиот меч од полуфиналето на Лигата на шампионите, по кој навивачите веруваат дека „црвените“ можат да стигнат и до трофејот во натпреварувањето.
Повод за оптимизам претставува извонредното напаѓачко трио, Мохамед Салах – Роберто Фирмино – Садио Мане, кои заедно беа најзаслужни за триумфот над Рома. Салах и Фирмино забележаа по два гола и две асистенции против римјаните, додека Мане постигна еден погодок за водство на Ливерпул од 5-0 во 69-та минута, пред гостите да го ублажат поразот преку Един Џеко и Диего Пероти од пенал.
Ливерпул го има најефикасниот напад во ЛШ сезонава со 44 гола на 11 средби (ги совлада Марибор и Спартак Москва со 7-0, а Порто со 5-0).
Англиските медиуми, затоа, помалку еуфорично, порачуваат дека и Реал и Баерн би имале причина да се плашат од Ливерпул во финалето на ЛШ, како и дека навивачите на екипата од „Енфилд“ веќе не гледаат кон минатото, туку кон Киев каде што ќе се игра завршниот натпревар, на 26 мај.
Дотогаш Ливерпул ќе треба да ја сочува предноста против Рома, во реваншот во Рим, идната среда.