Дуелот Саутемптон – Манчестер сити (1-0) го гледале 5,7 милиони луѓе, што е нов рекорд за премиерлигашки дуел во Велика Британија (пред две недели дербито Ливерпул – Евертон (0-0) го следеле 5,5 милиони луѓе)
ФУДБАЛ
Мечот Саутемптон – Манчестер сити (1-0), кој се пренесуваше бесплатно во неделата, го гледале 5,7 милиони луѓе, што е рекордна бројка за премиерлигашки фудбалски дуел во Велика Британија, објави „Би-би-си“. Оваа бројка е поголема од онаа од пред две недели, кога дербито Ливерпул – Евертон (0-0), според „Скајспорт“, го гледале 5,5 милиони луѓе. Од „Би-би-си“ соопштуваат дека ваквата гледаност се должи и на тоа дека мечот во живо можел да се гледа на сите „платформи“.
– Бесплатните преноси од мечеви од Премиер-лига се одлична работа за нашите гледачи. Задоволни сме што можеме да им ја доловиме драмата на мечевите од Премиер-лигата и од ФА-купот- изјави Стив Руџ, извршниот директор на „Би-би-си“ за фудбал.
Првиот меч во Премиер-лигата пренесуван во живо по продолжувањето на сезоната, Кристал палас – Борнмут, 2-0, на „Би-би-си“ го проследиле 3,9 милиони гледачи, плус над 660.000 што се вклучиле преку „И-плеер“ и на другите дигитални платформи. Корпорејшн, Скај и Амазон исто така пренесуваат мечеви бесплатно, што е дел од договорот со Владата дека фудбалот во Премиер-лигата може да продолжи само ако сите преостанати 92 средби се емитуваат во живо на ТВ и ако една третина од нив може да се гледаат бесплатно.
Ваквите импресивни бројки на гледаност се објаснуваат со забраната за јавни собири во пабови, клубови и на други места во Велика Британија. Тоа значи дека гледачите што претходно ги гледале натпреварите надвор од дома сега ги гледаат од своите фотелји и така се бројат како ТВ-публика. Останува да се види и дали гледаноста ќе остане висока со намалувањето на ограничувањата, откако Ливерпул ја завери титулата и откако други спортови постепено ќе се враќаат на малите екрани.
Сепак, фактот дека најмногубројна ТВ-публика на „Скајспорт“ има на мечевите на клубовите што се со најголеми навивачки бази сугерира дека примарниот мотив за гледање фудбал на ТВ уште е поддршката на саканиот клуб, фактор што е малку веројатно дека ќе се промени, без разлика на ситуацијата. Според податоците на „Скајспорт“, ТВ-гледачите претпочитаат мечевите да ги следат со вештачка навивачка бучава, наместо да слушаат довикувања на фудбалерите и на менаџерите на празните стадиони.