УЕФА вети дека ќе засади 50.000 дрвца во секоја од 12-те земји-домаќини за да ги неутрализира штетните емисии на гасови, планиран е бесплатен јавен превоз на денот на фудбалските мечеви, а во Копенхаген, на пример, ќе се користат рециклирани чаши, ќе се сервира органска храна и ќе биде ограничена употребата на пластика за еднократна употреба
Европското првенство (ЕП) во фудбал годинава ќе биде првото што ќе се одигра во 12 земји, принудувајќи ги репрезентациите и нивните навивачи да патуваат илјадници километри. Авионите со кои ќе патуваат тие, зад себе ќе остават големи количества јаглерод диоксид и други штетни компоненти, предупредуваат активистите за зачувување на животната средина.
Европската фудбалска унија (УЕФА), форматот на ЕП 2020, 60 години по првото ЕП, го најавува како иновативен, а земјите и градовите домаќини ветуваат дека турнирот ќе го направат што е можно поеколошки. Тоа ветување не изгледа баш реално, со оглед на тоа дека, на пример, полските навивачи за 10 дена ќе треба да пропатуваат над 6.000 километри за да ги следат мечевите на својата селекција, до Даблин и до Билбао, а потоа повторно назад во Ирска. Натпревари ќе се играат и на брегот на Касписко Море во Баку, речиси 5.000 километри подалеку од Лондон, каде што треба да се одигра финалето.
На навивачите ќе им бидат потребни престој, превоз и храна, што ќе придонесе за емисијата на штетни гасови, пишува агенцијата „Франс прес“(АФП). Со намера целосно да го неутрализира јаглерод диоксидот до 2025 година, Копенхаген, еден од градовите домаќини на ЕП 2020 се соочува со предизвикот како да ги минимизира штетните влијанија.
– Секогаш е така кога поканувате луѓе да дојдат во вашиот град. Се фокусираме на тоа како да бидеме домаќини на огромен настан со помала емисија на јаглерод диоксид – вели за АФП градоначалникот на Копенхаген, Френк Јенсен, кој го води градот од 2010 година.
Данската престолнина, „европски главен зелен град“ во 2014 година, се обидува да стори сѐ што може за да го направи ЕП 2020 позелено. Ќе се користат рециклирани чаши, ќе се сервира органска храна, ќе биде ограничена употребата на пластика за еднократна употреба и ќе се селектира отпадот.
УЕФА вети дека ќе засади 50.000 дрвца во секоја од 12-те земји-домаќини за да ги неутрализира штетните емисии на гасови, а УЕФА планира во деновите кога ќе се играат натпреварите јавниот превоз да биде бесплатен за навивачите.
Копенхаген тврди дека ќе го ограничи влијанието врз животната средина на четирите натпревари во групата Б, во која се Данска, Финска, Белгија и Русија. Во Копенхаген нема потреба да се гради ништо ново бидејќи градот веќе има соодветна инфраструктура, стадион со капацитет од 38.000 места и ново метро. Отсуството од потребата од каква било нова градба помага во намалувањето на емисијата на јаглерод, но ниту градот ниту фудбалската федерација не знаат каков ќе биде крајниот епилог.
– Тоа ќе зависи од многу работи што нема да бидат јасни додека турнирот не заврши, од бројот на туристи, навивачи, официјални лица и слично, кои ќе дојдат летово – вели Миа Кјаергард, портпарол на Данската фудбалска асоцијација (ДБУ).
Загриженоста за животната средина е длабоко вкоренета во данскиот главен град, во кој 40 проценти од патувањата се со велосипед. Природните непогоди, исто така, влијаеја на размислувањата околу климатските промени. Во 2011 година поројните дождови ги поплавија населбите во околината на Копенхаген, предизвикувајќи штета од над една милијарда евра, пишува АФП.