ФУДБАЛ

Македонскиот стратег Влатко Андоновски забележа нова голема победа со женската фудбалска репрезентација на САД против вечниот ривал Бразил. Американките беа подобри од Бразилките со 2-0 во второто коло од „Шибиливс-купот“, кој се игра во САД.
За Андоновски ова беше 15-та победа во низа откако е селектор на најтрофејната женска селекција во светот, со што бележи рекорд како селектор со најдолга победничка серија на чело на женскиот национален тим на САД. Андоновски е деветти селектор во историјата на четирикратниот светски првак, на чија клупа седна во октомври 2019 година и оттогаш нема загубено меч.
Стрелци на головите за САД беа Кристен Прес во 11-та и Меган Рапино во 88-та минута од натпреварот.
Во првото коло од „Шибиливс-купот“ САД славеа над Канада со 1-0, а следни противници на Американките ќе им бидат селекциите на Аргентина и на Јапонија.