Врвниот фудбал во Англија ќе мирува најрано до 30 април поради ширењето на коронавирусот. Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија се согласи дека тековната сезона може да се „продолжи на неодредено време“, иако претходно беше планирано сезоната да заврши на 1 јуни, објави „Би-би-си“.
Ваквата одлука следуваше по видеоконференцијата, на која учествуваа претставниците на 20 премиерлигашки клубови и која ја поддржаа здружението на професионални фудбалери и здружението на менаџери. Во моментов се одложени сите натпревари во Премиер-лигата, во Чемпионшип (ЕФЛ), во двете женски лиги, како и сите натпревари во Шкотска, Велс и во Северна Ирска.
Во заедничката изјава од ФА, Премиер-лигата и ЕФЛ, се изразува „посветеност да се пронајдат начини за продолжување на сезоната 2019/2020 и да се завршат сите домашни и европски натпревари кога тоа ќе биде безбедно и можно да се направи“.
Сепак, уште не е јасно кога повторно ќе продолжи сезонава и кога ќе заврши, како и дали тоа ќе влијае врз следната сезона. Светската фудбалска федерација (ФИФА) формира работна група за решавање на проблемите со кои се соочува фудбалот како резултат на пандемијата. Групата ќе ги разгледа меѓународниот календар и прашањата за договорите на играчите што истекуваат на 30 јуни, период по кој многу лиги уште ќе ги немаат завршено шампионатите.