Милер беше дел од тимовите на Баерн што освоија четири титули во Бундес-лигата и доминираа во поранешниот Куп на европските шампиони (КЕШ), сега Лига на шампионите (ЛШ), освојувајќи го трофејот три години во низа (1974, 1975, 1976). Милер до минатата сезона го држеше рекордот во Бундес-лигата според постигнати голови (40) во сезоната 1971/1972
Легендарниот германски напаѓач Герд Милер почина на 75-годишна возраст, објави неговиот поранешен клуб Баерн Минхен. „Светот на Баерн мирува“, напиша баварскиот фудбалски гигант на својата интернет-страница, на која логото беше во црна боја, објави „Асошиејтед прес“ (АП).
Германија и фудбалскиот свет жалат за Герд Милер, еден од најдобрите напаѓачи на сите времиња и освојувач на голем број трофеи со Баерн и со Западна Германија. Последните неколку години, Милер страдаше од деменција. Зад себе тој ги остави сопругата Уши и ќерката.
– Милер беше еден од најголемите напаѓачи што сме ги виделе, чие име не е познато само во Германија и во Европа туку и низ целиот свет, благодарение на неверојатниот талент за постигнување голови, кој е без конкуренција и ден-денеска. Во име на европската фудбалска заедница, би сакал да ја изразам својата тага за смртта на вистинскиот великан и да испратам сочувство до неговото семејство, пријателите и поранешните соиграчи – изјави претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
За време на блескавата кариера, Милер познат и по прекарот Бомбардер постигна рекордни 365 гола за Баерн во Бундес-лигата во 1960-тите и во 1970-тите години, како и 68 на 62 меча за Западна Германија.
– Ова е тажен, црн ден за Баерн и за неговите навивачи. Герд Милер беше најголемиот напаѓач што некогаш постоел и одлична личност во светскиот фудбал. Без Герд Милер, Баерн не би бил клубот што сите го сакаме денеска. Неговото име и споменот за него ќе живеат засекогаш – изјави претседателот на Баерн, Херберт Хајнер.
Поранешниот капитен на Англија, Гери Линекер, го опиша Милер како најголемиот голгетер што го видел.
– Многу ми е жал што слушнав дека Герд Милер починал. Сакав да го гледам како дете и многу научив од тоа – напиша Линекер на Твитер.
Освојувачот на титулата на Светското првенство (СП) 2014 во Бразил, Бастијан Швајнштајгер, кому Милер му беше тренер на почетокот од кариерата во Баерн, го истакна фудбалскиот придонес на славниот напаѓач.
– Благодарам, Герд! Без овој човек, Баерн немаше да биде она што е денеска и кариерите на повеќето од нас веројатно немаше да бидат вакви. Моите мисли се со неговото семејство, благодарен сум што можам да кажам дека беше еден од моите тренери – напиша поранешниот капитен на Германија на Твитер.
Новиот германски селектор Ханси Флик изјави дека Милер „оставил свој белег на цели генерации фудбалери“.
Во голема мера благодарение на головите, Милер влезе во историјата на Баерн и на Западна Германија. Тој постигна неверојатни 566 гола на 607 натпревари за Баварците.
– Без головите на Герд, ние сѐ уште ќе бевме во нашата стара дрвена колиба на Зенер штрасе (тренинг-центарот на клубот) – рече еднаш Франц Бекенбауер за својот поранешен соиграч од Баерн и Западна Германија.
Милер беше дел од тимовите на Баерн што освоија четири титули во Бундес-лигата и доминираа во поранешниот Куп на европските шампиони (КЕШ), сега Лига на шампионите (ЛШ), освојувајќи го трофејот три години по ред (1974, 1975, 1976). Милер до минатата сезона го држеше рекордот во Бундес-лигата според постигнати голови (40) во сезоната 1971/1972. Тој рекорд ланската сезона го надмина исто така напаѓач на Баерн, Полјакот Роберт Левандовски, кој даде 41 гол.
Извршниот директор на клубот, Оливер Кан, го опиша Милер како „една од најголемите легенди во историјата на Баерн“.
– Неговите достигнувања се недостижни до денеска и засекогаш ќе бидат дел од големата историја на Баерн и на германскиот фудбал – истакна Кан.
Со Западна Германија, Милер триумфира на Европското првенство (ЕП) 1972 година и на Светското првенство (СП) 1974 на домашен терен. Тој го постигна победничкиот гол во финалето против Холандија (2-1) во Минхен.
– Со смртта на Герд Милер загубивме големо парче од германската фудбалска историја. Погодени сме и длабоко тажни. Нашето сочувство е за неговите роднини во овие тешки времиња. Во исто време полни сме со почит и благодарност за неговото животно дело. За мене, тој е најдобриот напаѓач во историјата на фудбалот – истакна потпретседателот на Германската фудбалска асоцијација (ДФБ), Петер Петерс.