Не стивнуваат реакциите по најавата за формирање на европската фудбалска суперлига, која ќе го смени светот на фудбалот, јасно, ако не се постигне некаков компромис и доколку не се надмине барем дел од многуте недоразбирања, на домашно и на европско фудбалско ниво
По најавата за формирање на европската фудбалска суперлига, реакциите главно се негативни. Против е Европската фудбалска унија (УЕФА), која најави казни за играчите и за „одметнатите“ клубови, против се и некои тренери, фудбалери, активни и поранешни, стручни коментатори, Премиер-лигата, најголемите европски лиги, политичари, синдикатите на играчи… Сево ова ќе го смени светот на фудбалот, јасно, ако не се постигне некаков компромис и доколку не се надмине барем дел од многуте недоразбирања, на домашно и на европско фудбалско ниво.
Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, изјави дека не се согласува со овој потег и додаде дека тој и играчите воопшто не биле консултирани во врска со тоа. Истото тоа по мечот против Лидс го повтори и капитенот на „црвените“, Џемс Милнер, кој јасно стави до знаење дека не е за суперлига. Поранешниот капитен на Англија, Алан Ширер, изјави дека се надева оти англиските клубови ќе ја разгледаат реакцијата на нивните навивачи.
– Клубовите велат дека се како семејство и оти навивачите се душата на клубот. Па, да видиме што навистина мислат за навивачите, бидејќи тие сега проговорија. Очигледно дека не го сакаат ова, па да видиме што им значат навивачите на фудбалските клубови – изјави Ширер за „Би-би-си“.
Преостанатите 14 премиерлигашки клубови, без шесте што се вклучени во суперлигата, вчера имаа итен состанок за мерките што треба да ги преземат. Навивачите протестираат на социјалните мрежи, а некои протестираа и со транспаренти пред стадионите.
Европската суперлига е создадена „за да го спаси фудбалот“, изјави претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез. Реал е еден од 12-те европски клуба што се за новото натпреварување. Перез рече дека овој потег е направен затоа што младите „повеќе не се заинтересирани за фудбалот поради многуте неквалитетни натпревари. Секогаш кога има промени, има луѓе што се противат на тоа“. Перез додаде и дека врвните тимови губат пари и дека натпреварите со „големите имиња“ ќе помогнат да се зголемат приходите.
– Ова го правиме за да го спасиме фудбалот во овој критичен момент. Ако продолжиме со Лигата на шампионите, за која има сѐ помала заинтересираност, тогаш е готово. Новиот формат што почнува во 2024 година е апсурден. Во 2024 година сите ќе бидеме мртви. Во 1950-тите години ситуацијата беше слична. УЕФА и ФИФА беа против новиот Куп на шампионите, но тоа натпреварување го смени фудбалот – изјави Перез за шпанското ТВ-шоу „Ел Чирингито“, пренесува „Би-би-си“.
Премиер-лигата и Владата во В. Британија најавуваат контрамерки
Во англиската фудбалска Премиер-лига постои правило потпишано од 20 клуба, дека доколку сакаат да настапуваат во некое друго натпреварување освен во ЛШ, во ЛЕ, во ФА-купот, Лига-купот, мора да добијат „претходно писмено одобрение од Бордот“. Секретарот за култура на Велика Британија, Оливер Доуден, изјави пред пратениците дека владата ќе „стори сѐ што е потребно за да ја заштити националната игра“ и навести потенцијален обид за блокирање на трансферите од странство преку регулирање на работната дозвола и донесување други регулативи.
Инфантино: Енергично сме против создавањето на суперлигата
Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, изјави дека ФИФА „енергично е против“ плановите за создавање европска суперлига.
– Има многу што да се отфрли за можеби краткорочна финансиска добивка, за некои. Ако некои избрале да одат по тој пат, ќе мора да живеат и со последиците од тој избор. Тие се целосно одговорни за нивниот избор. Ова значи дека сте или внатре или надвор. Не можете да бидете половина таму, половина ваму. Ние сме енергично против создавањето на суперлигата, која е „затворена продавница“ и значи отцепување од сегашните институции, од лигите, од здруженијата, од УЕФА и од ФИФА – рече Инфантино на Конгресот на Европската фудбалска унија (УЕФА), пренесува „Скај спорт“.
Румениге: Сегашната структура во фудбалот гарантира сигурна основа
Баерн не бил вклучен во плановите за создавање суперлига. Убедени сме дека сегашната структура во фудбалот гарантира сигурна основа. Не верувам дека суперлигата ќе им ги реши финансиските проблеми на европските клубови што се појавија поради пандемијата на коронавирусот. Наместо тоа, сите клубови треба да работат солидарно за да се осигурат дека структурата на трошоците се усогласени со приходите, изјави, меѓу другото, извршниот директор на Баерн, Карл-Хајнц Румениге.
В петок ќе се знае дали ЕП ќе се игра и во Минхен, Билбао и Даблин
Извршниот комитет (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА), в петок треба да донесе одлука дали натпреварите на претстојното Европско првенство (ЕП) летово ќе се играат и во Минхен, Билбао и Даблин. Овие три града домаќини, од вкупно 12, уште немаат потврдено дали ќе има гледачи на нивните стадиони, поради што ИК, кому му беа презентирани неколку опции, ја задолжи администрацијата да изработи конкретни предлози, по што ќе биде решено дали тие градови ќе бидат домаќини на мечевите на ЕП, соопшти Европската фудбалска унија.