Тренерот на Челзи, Маурисо Сари, изјави дека е фокусиран кон дуелот со Кристал Палас и не размислува за рекордот што може да го постават „сините“.
Доколку Челзи утре остане непоразен, Сари ќе го изедначи рекордот на Френк Клaрк кој во минатото 11 пати во низа го предводеше лондонскиот тим без да загуби.
– Не сакам воопшто да размислувам за тоа, туку само за натпреварот. Нашата цел е да победиме. Рекордите сами по себе си доаѓаат како резултат на добрите изданија. Одиме чекор по чекор на секој меч и тоа им го пренесувам на играчите – изјави Сари.
Италијанскиот фудбалски стручњак вели дека Челзи во претходните десет рунди го следела и среќа.
– Секогаш кога стекнував ново искуство, бев во проблеми првите два месеца. Сега не е така. Победувавме, иако на некои натпревари не бевме на ниво – додава Сари.
Челзи по 10 кола во Премиер лигата заостанува само два бода зад водечкиот тандем Манчестер Сити и Ливерпул.