Санчо е првиот во историјата на Бундес-лигата со 25 гола на неполни 20 години, а Холанд првиот што постигнува седум гола на првите три меча во најсилната лига на Германија
Тинејџерите на Борусија Дортмунд, Џејдон Санчо и Ерлинг Браут Холанд, влегоа во историјата на фудбалската Бундес-лигата на мечот против Унион Берлин (5-0). Младиот англиски интернационалец, Санчо, го постигна првиот гол, за него 12-ти сезонава и е првиот што постигнува 25 гола пред 20-от роденден (роден е на 25 март), на само 64 одиграни натпревари.
Првиот гол тој го постигна во април 2018 година на мечот против Баер. Пред Санчо најефикасни во Бундес-лигата пред навршени 20 години беа Хорст Копел, кој играше за Штутгарт во 1960-тите години и сегашниот играч од средниот ред на Баер, Каи Хаверц, двајцата со по 24 гола. Санчо пристигна во Борусија од Манчестер сити во 2017 година, доби шанса да игра и да напредува по што набргу доби повик за настап и во репрезентацијата на Англија.
Норвешкиот интернационалец Холанд (19), пак, кој зимава пристигна од Салцбург, е првиот играч што постигнал седум гола на првите три натпревари во Бундес-лигата. Тој е бундеслигашки рекордер и со постигнати шест гола за само 77 минути игра.
На првите два меча тој постигна пет гола, хет-трик на дебито против Аугсбург (5-3), потоа уште два на мечот против Келн (5-0) влегувајќи во игра од клупата за резервни играчи. На средбата против Унион Берлин, на која двапати се запиша во листата на стрелците, Холанд беше во почетната постава.
– Моите соиграчи се многу добри што ги прави работите полесни за мене. Не размислував и не очекував да постигнам толку многу голови, но сега веќе се седум и јас сум пресреќен. Се обидувам да уживам и да го правам ова што го правам. Прекрасно е да се игра пред ваква публика, во фантастична атмосфера – изјави Холанд.