Зад Санчо со проценета вредност од 150 милиони, на листата на ЦИЕС за најскапи играчи до 20 години е францускиот интернационалец од Арсенал, Матео Гвендози (70,1 милиони евра), кого лани „топчиите“ го купија за осум милиони евра од Лориен
Пронаоѓањето на следната суперѕвезда што наскоро ќе треба да го заземе местото на Лионел Меси (32) или на Кристијано Роналдо (34) може да биде тешка задача во денешните инфлаторни услови на фудбалскиот пазар. Дури и кога ќе се открие таков „скапоцен камен“, големата конкуренција значи дека неговата цена набргу ќе достигне вртоглав износ.
Матичните клубови за младите играчи бараат (и добиваат) огромни суми од најголемите и најбогати клубови. На пример Ајакс, кој се обидува да профитира во краток период пред да им се растури младиот и екстра-талентиран тим. Пред две години, тогаш 20-годишниот Осман Дембеле од Борусија Дортмунд замина во Барселона за над 130 милиони евра. Тоа се покажа како одлична зделка за германскиот клуб со оглед на тоа дека потоа за помалку од 10 милиони евра го ангажираа Џејдон Санчо од Манчестер сити, кој сега на фудбалскиот пазар вреди 15 пати повеќе.
Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) врз основа на проценетите трошоци за трансфер и своевиден алгоритам направи листа на моментно 50-те највредни млади играчи на возраст под 20 години (родени по 1 јануари 1999-та) во Европа.
Вредноста на Санчо на пазарот се проценува на фрапантни 150 милиони евра, повеќе од двојно од младиот француски интернационалец, играчот од средниот ред на Арсенал, Матео Гвендози (70,1 милиони евра), кого лани „топчиите“ го купија за осум милиони евра од Лориен.
На третата позиција е Италијанецот, Николо Заниоло, играчот за врска на Рома (64,3 милиони евра), на четвртата е Германецот Каи Хаверц од Баер Леверкузен (64,3), на петтата Деклан Рајс од премиерлигашот Вест Хем (62,4), на шестата е голманот на Милан, Џанлуиџи Донарума (59,4), на седмата Бразилецот, напаѓачот на Реал, Винишиус јуниор (55 милиони), на осмата холандскиот интернационалец, играчот на Рома, Џастин Клајверт (44,3), на деветтата Французинот Еван Н’Дика од Ајнтрахт Франкфурт (44,1), на 10-та бекот-крило на Фулам Рајан Сасењон (44,3 милиони евра) итн.
На таа листа 50-те највредни млади фудбалери се од 18 земји, најмногу од Франција (13), потоа од Англија (девет) итн.