Тој стана првиот играч по Чилеанецот Санчез, кој постигнал хет-трик во Италија, Шпанија и во Англија, во 21 век и сега има вкупно 36 во прволигашки мечеви и 56 хет-трика вкупно во кариерата

Кристијано Роналдо (34) продолжува со рекордните фудбалски постигнувања и во почетокот на 2020 година. Тој постигна три гола (хет-трик) за Јувентус на мечот против Калјари (4-0, имаше и една асистенција), во второто полувреме, со што стана само вториот играч, по Чилеанецот Алексис Санчез, кој постигнал хет-трик во италијанската Серија А, во шпанската Ла лига и во англиската Премиер-лига, во 21 век. Роналдо на оваа листа се запиша со хет-трик за Манчестер јунајтед во Англија, а потоа и за Реал Мадрид во Шпанија.

На Санчез тоа му „појде од нозе“ во дресот на Арсенал во победата над Лестер (5-2) на стадионот „Кинг Пауер“ во септември 2015 година, откако претходно постигна два хет-трика за Барселона во Шпанија и за Удинезе во Италија.

За Роналдо хет-трикот против Калјари беше 36-ти прволигашки во кариерата, најмногу од сите фудбалери во петте најсилни лиги на Европа (Англија, Шпанија, Германија, Италија и Франција) од 2008 година досега. Зад Роналдо заостанува неговиот голем ривал од Барселона, Лионел Меси, кој е втор на списокот со 34 хет-трика, а Луиз Суарез е трет со 16.

Вкупно досега Роналдо постигна 56 хет-трика за клубовите и за репрезентацијата на Португалија. На мечот Португалија – Литванија во ноември лани тој го забележа деветтиот хет-трик за својата земја со што се израмни со Швеѓанецот Свен Ридел, кој беше рекордер во оваа категорија. 


Прв што 18 години едноподруго постигнува голови

Првиот погодок на Кристијано Роналдо на дуелот против Калјари, во 48-та минута, исто така, значеше дека Португалецот стана првиот фудбалер што постигнал најмалку по еден гол 18 години едноподруго во една од петте најдобри лиги на Европа (Англија, Шпанија, Германија, Италија и Франција). Првиот гол тој го постигна за Манчестер јунајтед против Портсмут во ноември 2003 година. Во моментов, активни се само уште двајца играчи што можат да го израмнат овој подвиг на Роналдо. Тоа се 38-годишниот напаѓач на Реал Бетис, Хоакин и 41-годишниот напаѓач на Вердер Бремен, Клаудио Пизаро.