Првакот Баерн е најефикасен во групната фаза сезонава

Од 16-те тима што играа во завршницата во минатата сезона сега нема четири екипи, на чие место се Севилја, Порто, Борусија М. и Лацио, а во осминафиналето се првакот Баерн, вицешампионот ПСЖ, полуфиналистот Лајпциг, потоа Реал, Ливерпул, Манчестер сити, Челси, Борусија Д., Јувентус, Атлетико М., Барселона и Аталанта

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Реал Мадрид, Барселона, Баерн, Јувентус, ПСЖ, Челси, Манчестер сити… се пласираа во осминафиналето во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), а од ланските 16 тима што играа во завршницата сега нема четири екипи, на чие место се Севилја, Порто, Борусија Менхенгладбах и Лацио.
Шампионот Баерн лани триумфира во ЛШ победувајќи на сите 11 натпревари, а со таквата форма продолжи и сезонава, со петте победи и само едно реми (против Атлетико) или 16 победи и едно реми на претходните 17 меча. Баварците на шесте натпревари есенва постигнаа 18 гола (во просек три по натпревар).
Реал Мадрид, кој освои четири титули во пет години (од 2014 до 2018-та) и осум години играше најмалку во полуфиналето, во последното коло се пласира во осминафиналето. Барселона првпат по 2007 година не е на врвот во групата итн.
Меѓу фудбалерите, во фокусот на вниманието повторно беше младиот 20- годишен Норвежанец, Ерлинг Холанд од Борусија Дортмунд. Тој лани постигна осум гола во групната фаза за Салцбург и уште два во осминафиналето за Борусија Дортмунд.
Сезонава тој постигна шест гола на четири натпревари, пред да се повреди. Холанд е водечки стрелец сезонава, со Маркус Рашфорд од Манчестер јунајтед, Алваро Мората од Јувентус и со Нејмар од ПСЖ. На Холанд му беа доволни седум натпревари за да постигне 10 гола во ЛШ, односно 12 натпревари за да постигне 15, потоа и 16 рекордни гола. На претходните рекордери, Руд ван Нистелрој и Роберто Солдадо им беа потребни 19 натпревари за да постигнат по 15 гола.


Реал Мадрид има четири можни противници

Ждрепката за осминафиналните двојки во фудбалската Лига на шампионите е закажана за в понеделник напладне. Тимовите (16) се распоредени во два барабана, во првиот се победниците во групите, а во вториот второпласираните. Првопласираните екипи во групите ќе гостуваат на првите мечеви што треба да се играат на 15 и на 16 февруари. Реваншите се предвидени за 16 и за 17 март 2021 година.
Европската фудбалска унија најави дека деталите за ждрепката ќе бидат потврдени пред церемонијата, но сигурно е дека во оваа рунда меѓу себе нема да играат победниците во групите, како и тимовите од иста земја. Така, поради полудиригирана ждрепка, Реал Мадрид има најмалку можни противници, четири од вториот барабан, а тоа се Лајпциг, Порто, Аталанта и Лацио. Реал нема да може да се сретне со екипите од Шпанија (Атлетико М., Барселона и Севилја), како и со тимот со кој веќе играше во групната фаза (Борусија М.).


ПРЕД ЖДРЕПКАТА ЗА ОСМИНАФИНАЛЕТО НОСИТЕЛИ

Ливерпул Англија
Манчестер сити Англија
Челси Англија
Баерн Германија
Борусија Д. Германија
Јувентус Италија
ПСЖ Франција
Реал Мадрид Шпанија

НЕНОСИТЕЛИ
Атлетико М. Шпанија
Барселона Шпанија
Севилја Шпанија
Борусија М. Германија
Лајпциг Германија
Аталанта Италија
Лацио Италија
Порто Португалија