Манчестер сити со совлада Брајтон дома со 4-0, а Ливерпул триумфира на гости кај Барнли со 3-0, со што ја продолжија серијата без пораз од јануари годинава
Само по четири првенствени кола во англиската фудбалска Премиер-лига, шампионот Манчестер сити и европскиот првак Ливерпул покажаа дека се за класа подобри од другите и, како што пишуваат некои од медиумите, иако е многу рано за такво нешто, во трката за шампионската титула ќе учествуваат само тие два тима.
Тие се немилосрдни, машини за победи. Поткрепа за ваквите тврдења се фактите, кои велат дека Сити и Ливерпул не загубиле првенствен натпревар од крајот на јануари и се без конкуренција во најконкурентната лига на светот.
Сити, очекувано, рутински го совлада Брајтон со 4-0 и сезонава веќе постигна 14 гола (3,5 по натпревар), а ако продолжи со вакво темпо, ќе стигне до неверојатна бројка од 133 гола во мај 2020 година! Серхио Агуеро (31) не престанува да постигнува голови, против Брајтон постигна два, шест сезонава, или вкупно 237 за Сити во сите конкуренции во минатите осум сезони. Тој постигна 99 гола на стадионот „Етихад“ и е трет, зад Тиери Анри од Арсенал и зад Вејн Руни од Манчестер јунајтед што на домашен терен, на „Хајбери“ односно на „Олд Трафорд“, постигнале повеќе голови од него, 114, односно 101.
– Тој е посебен талент и јас го сакам од првиот ден. Сменивме многу работи, но јас сум презадоволен од неговата посветеност. Ни требаат неговите голови, сите го знаат тоа, но дури и кога не ги постигнува голови, што е реткост, дава сѐ од себе и затоа сум среќен за него – вели Пеп Гвардиола, менаџерот на Сити.
Ливерпул на тешкото гостување во Барнли, иако не одигра на највисоко ниво, забележа убедлива победа со 3-0, четврта во новата сезона на исто толку натпревари (како и лани), 13-та во низа, што е нов клупски рекорд. Иста таква победничка низа од 13 меча има забележано само уште Тотенхем во 1960 година. Вкупно, Ливерпул не е поразен на 21 премиерлигашки меч по ред (17 победи и четири ремија).
– Одигравме речиси совршен натпревар и мислам дека нашата победа е најзаслужена од сите сезонава. Формацијата беше супер, момчињата одиграа максимално дисциплинирано. Последната линија беше неверојатна, не знам само колку топки со глава исфрлија од 16-те метри – ги пофали своите фудбалери менаџерот Јирген Клоп, кој додаде дека е изненаден од ваквиот старт на сезоната, со оглед на фактот дека клучните играчи поради репрезентативните обврски летово ги пропуштија подготовките.
Клоп, исто така, го минимизира моментот во 85-та минута, кога при замената Садио Мане реагираше луто. Претходно, Мохамед Салах, наместо да му ја додаде топката на Мане, кој беше во подобра позиција, реши да бие на голот.
– Садио е емотивен човек, тоа не го крие и ми се допаѓа. Нешто не беше како што тој сакаше, неговата реакција не беше поради замената. Го разјаснивме тоа, нема никаков проблем – рече Клоп.