Во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) вечерва треба да се одиграат преостанатите осум натпревари од петтата рунда во групите А, Б, Ц и Д. Од 16-те екипи што ќе ги одмерат силите вечерва само Барселона веќе обезбеди место во осминафиналето.
Тоа и не чудо ако се знае фактот дека располагаат со екстра фудбалери, предводени од Лионел Меси, кои се и најдобро платените спортисти во светот. Една неодамнешна анализа на британскиот „Спортс интелинџенс“ (349 тима во осум спорта од 13 земји) покажа дека Барса е првиот спортски тим во историјата што на првотимците годишно ќе им исплаќа во просек над 10 милиони фунти (12,76 милиони долари), односно 23-те члена на првиот тим ќе заработат по 10,45 милиони фунти (13,33 милиони долари) годишно, што е за 33 отсто повеќе од лани. Просечната плата на првотимец на Барса на неделно ниво е 265.000 долари.
Втори на таа листа се фудбалерите на актуелниот европски првак, Реал (синоќа се сретна со Рома), кои играат слабо есенва, со просечна плата од 9,13 милиони долари годишно. Потоа следуваат играчите на Јувентус (7,55 милиони просечна годишна плата), Манчестер јунајтед (7,32), Баерн (7,21), Атлетико (6,99), ПСЖ (6,87), Манчестер сити (6,76), Челси (5,63), Ливерпул (5,52) итн. Најбогата лига е англиската Премиер-лига, во која фудбалерите првотимци годишно во просек заработуваат по 3,37 милиони долари или 62.770 неделно.
На фудбалски план, во групата Б, најголеми шанси да ѝ се приклучи на Барса во осминафиналето има Интер на кого од вечерашниот дуел со Тотенхем на „Вембли“ му е доволен еден бод за да се квалификува во нокаут-фазата.
Во групата А, Борусија Дортмунд и Атлетико се сигурни и не би требало да имаат поголеми проблеми во дуелите на домашен терен со Бриж, односно со Монако. Најнеизвесно е во групата Ц каде што ПСЖ, Ливерпул и Наполи имаат еднакви шанси за освојување на првите две места, а Црвена звезда, која е едно од најпријатните изненадувања во ЛШ есенва, ќе се обиде да биде барем трета и да ја продолжи европската сезона во Лига Европа (ЛЕ). Во групата Д, Порто и Шалке во директната пресметка ќе одлучат која екипа уште вечерва ќе си обезбеди пласман во следната рунда.
Сите мечеви вечерва почнуваат во 21 часот, освен дуелите Атлетико – Монако и Локомотив – Галатасарај, кои се играат од 18.55 часот.