Меѓу 16-те најдобри тима сезонава се сите осум клуба од првиот барабан пред ждрепката за состав на групите (Челси, Вилјареал, Атлетико, Манчестер сити, Баерн, Интер, Лил и Спортинг), пет од вториот (Реал Мадрид, Јувентус, Манчестер јунајтед, ПСЖ и Ливерпул) и три од третиот барабан (Ајакс, Салцбург и Бенфика)

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ДЕНЕСКА ЖДРЕПКА

Со денешната ждрепка (од 12 часот) ќе бидат одредени двојките за осминафиналето на 67-та сезона на најсилното европско фудбалско клупско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ). Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница ги претстави најдобрите 16 тима сезонава, меѓу кои се и актуелниот првак Челси, победникот на Лига Европа, Вилјареал, двете екипи што сезоната ја почнаа во квалификациите, Салцбург и Бенфика, Ајакс, кој победи во групата откако беше во третиот барабан…
Во осминафиналето се сите осум клуба од првиот барабан пред ждрепката за состав на групите (Челси, Вилјареал, Атлетико, Манчестер сити, Баерн, Интер, Лил и Спортинг), пет од вториот (Реал Мадрид, Јувентус, Манчестер јунајтед, ПСЖ и Ливерпул) и три од третиот барабан (Ајакс, Салцбург и Бенфика). Ждрепката е полудиригирана и во осминафиналето нема да се сретнат тимови од иста земја и екипи што веќе играле меѓу себе во групната фаза сезонава. Во продолжение накратко за осминафиналистите, според податоците на УЕФА.

НОСИТЕЛИ

Ајакс: четири пати првак на Европа, тренер Ерик тен Хаг, клучен играч Себастијан Халер, кој со десет гола е само вториот играч што постигнал гол во сите шест натпревари во групата во една сезона, по Кристијано Роналдо во сезоната 2017/2018.
Баерн: шест пати европски првак, тренер Јулијан Нагелсман, клучен играч Роберт Левандовски. Баерн ја продолжи својата рекордна серија без пораз на гости во Лигата на шампионите на 21 натпревар.
Јувентус: двапати европски првак, тренер Масимилијано Алегри, клучен играч Федерико Киеза. „Бјанконерите“ пет пати се пласираа во финалето од нивниот триумф во 1996 година, но уште го чекаат третиот пехар. Ниту еден клуб нема загубено повеќе финалиња (седум).
Ливерпул: шест пати европски првак, тренер Јирген Клоп, клучен играч Мохамед Салах. Ливерпул шест пати бил европски шампион, повеќе од кој било друг англиски тим. Тоа е исто толку титули колку и Баерн, а Милан и Реал М. се единствените што освоиле повеќе.
Лил: осминафиналист во 2007 година, тренер Жоселин Гувернек, клучен играч Џонатан Давид. Ова е само вторпат во осум обиди Лил да ја помине групната фаза.
Манчестер јунајтед: трипати европски првак, тренер Ралф Рангник, клучен играч Кристијано Роналдо. Манчестер јунајтед е шампион на Англија рекордни 20 пати, но освои само два големи трофеја, ФА-купот во 2016-та и Лига Европа во 2017 година откако сер Алекс Фергусон се пензионира во 2013 година, по 27 години на чело на тимот.
Манчестер сити: актуелен европски вицешампион, тренер Пеп Гвардиола, клучен играч Кевин де Брујне. Гвардиола стигна до своето осмо полуфинале во ЛШ минатата сезона, најмногу во историјата на натпреварувањето заедно со Жозе Мурињо.
Реал Мадрид: 13 пати европски првак, тренер Карло Анчелоти, клучен играч Карим Бензема. Мадриѓаните секогаш успевале да ја поминат групната фаза на Лигата на шампионите.

НЕНОСИТЕЛИ

Атлетико: трипати европски вицешампион, тренер Диего Симеоне, клучен играч Луис Суарез. Единствениот пат кога Атлетико не успеа да ја помине групната фаза во ЛШ под водство на Симеоне, во сезоната 2017/2018, тие ја освоија Лига Европа.
Бенфика: двапати европски првак, тренер Жорге Жезус, клучен играч Жоао Марио. Гигантот од Лисабон стигна до седум финалиња, но ги загуби претходните пет (петтиот од Милан во 1990 година).
Вилјареал: полуфиналист во 2006 година, тренер Унаи Емери, клучен играч Арнаут Данџума. Нешто помалку од половина од 52.000 жители на Вилјареал можат да влезат во нивниот стадион со 23.500 седишта.
Интер: трипати европски првак, тренер Симоне Инзаги, клучен играч Марсело Брозовиќ. Европскиот шампион во 2010 година, Интер, стигна до осминафиналето првпат по една деценија.
Пари сен Жермен: европски вицешампион во 2020 година, тренер Маурисио Почетино, клучен играч Килијан Мбапе. Кога ПСЖ го совлада Баерн во четврт-финалето годинава, тоа беше прв случај во ЛШ вицешампионот од претходната сезона да го елиминираа актуелниот првак.
Салцбург: првпат е во осминафиналето, тренер Матијас Јесле, клучен играч Карим Адејеми. Салцбург, кој првпат се пласира во осминафиналето, стигна до финалето на Купот на УЕФА во 1994 година, губејќи со вкупен резултат 0-2 од Интер.
Спортинг: четвртфиналист во 1983 година, тренер Рубен Аморим, клучен играч Педро Гонсавлес. Спортинг ја помина групната фаза само во еден од осумте претходни обиди во ерата на ЛШ.
Челси: актуелен европски првак (вкупно двапати), тренер Томас Тухел, клучен играч Жоржињо. Сините примија само три гола на 12 меча во Лигата на шампионите од доаѓањето на Тухел, пред нивното реми 3-3 со Зенит во 6. коло.