ФУДБАЛ – ИГОР АНГЕЛОВСКИ ПРЕД ДЕНЕШНИОТ МЕЧ МАКЕДОНИЈА – ХОЛАНДИЈА НА ЕП 2020
Во второто полувреме против Украина бевме вистинската Македонија и покажавме дека заслужуваме да бидеме на Европското првенство. Вака треба да играме и против Холанѓаните, вели селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, пред денешниот меч од 18 часот во Амстердам, во меч од 3-то коло во групата Ц
Македонија со мечот против Холандија попладнево, на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам (18 часот), го завршува деби-настапот на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020 во групата Ц. Македонија претрпи два пораза, од Австрија (1-3) и од Украина (1-2), по што ги загуби сите шанси за пласман во осминафиналето, за разлика од репрезентацијата на Холандија, која по двете победи над Украина (3-2) и над Австрија (2-0), си ги осигури првото место во групата и местото во осминафиналето, првпат по ЕП 2008. Холандија во осминафиналето ќе игра со третопласирана селекција од групите Д, Е или Ф, во Будимпешта, на 27 јуни. Во вториот меч од групата Ц денеска, Украина и Австрија ќе играат за второто место и директен пласман во осминафиналето, каде што, покрај по две најдобри од секоја група, ќе настапат и четири најуспешни меѓу третопласираните во шесте групи.
Холандија веќе размислува за следната рунда и можеби нивниот селектор, Франк де Бур, ќе направи некои рокади во тимот, што не значи дека Македонија ќе има полесна задача, напротив. Дилемата пред Де Бур, кој е цел на критики во домашната јавност поради формацијата со петмина играчи во последната линија од одбраната, е дали да им даде шанса на фудбалерите што не играа на првите два меча или да го изведе најсилниот тим. Најверојатно тој ќе направи промени на некои позиции, но не и во начинот на игра.
За македонските фудбалери ова е меч за ново докажување, во кој ќе се обидат да одиграат добро, да го освојат првиот бод на ЕП, евентуално и да победат. Македонија одигра добро на двата натпревара (со исклучок на првото полувреме против Украина), можеше резултатски да помине и подобро, но данокот на неискуството, на грешките во клучни мигови, па и на неискористените шанси, резултираа со рана елиминација.
– Подготвени сме за последниот предизвик, без оглед дали Холандија ќе излезе со поинаков тим. Сакаме да ја израдуваме нацијата со една победа на ова првенство. Одигравме два солидни натпревара во Букурешт, но неискуството на ова ниво ни создаде проблеми – вели Елиф Елмас, играчот за врска на Македонија.
Според најавите, ова би требало да е 122. и проштален натпревар за капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев (37), кој и претходно најави повлекување по ЕП. Пандев го постигна голот на мечот против Австрија, дебитантски за него и за Македонија, и влезе во историјата на ЕП како втор највозрасен фудбалер што постигнал гол (на 37 години и 321 ден), по Австриецот, Ивица Вастиќ, кој голот го постигна од пенал на ЕП 2008. Тоа беше 38. гол на капитенот Македонија, на 120-от репрезентативен настап. Два од тие 38 гола, Пандев ги постигна против Холандија, со која Македонија досега одигра четири средби, во квалификациите за СП 2010 (1-2 и 0-4), и два во квалификациите за СП 2006 (2-2 и 0-0). Повеќе голови, четири, Пандев и има постигнато само на средбите со Ерменија.
– Во второто полувреме против Украина бевме вистинската Македонија и покажавме дека заслужуваме да бидеме на Европското првенство. Вака треба да играме и против Холанѓаните. Сакаме да се покажеме во вистинска светлина и се надеваме на првите бодови на турнирот – вели Ангеловски.
Холандија деветти пат настапува на европските првенства. Во 1988 година во Западна Германија, Холандија ја освои шампионската титула, еднаш беше трета (на ЕП во 1976 година), а уште трипати стигна до полуфиналето (во 1992, 2000 и во 2004-та).