По контроверзниот пенал во 93-та минута, Буфон доби црвен картон од судијата Оливер, а Роналдо на 150-от меч го постигна 120-от гол во ЛШ
Мечот Реал Мадрид – Јувентус (1-3) се чини најмногу ќе се памети по контроверзниот пенал за Реал што го досуди англискиот арбитер Мајк Оливер во 93-та минута од реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Реал се пласира во полуфиналето (во првиот меч во Торино победи со 3-0). Потоа настана општа мешаница, незадоволните играчи на Јувентус го опколија Оливер, имаше и влечење за дрес и вербални напади, по што Џанлуиџи Буфон, веројатно на прошталниот 117-ти меч во ЛШ, 650-ти на голот на Јувентус, доби црвен картон, првпат во кариерата во ЛШ.
По ваквиот развој на случувањата на теренот, кои имаа продолжение и во тунелот, на патот кон соблекувалните, помалку во сенка падна Кристијано Роналдо, кој го одигра 150-от натпревар и го постигна 120-от гол во ЛШ, решавачки на тој меч. За него тоа беше 41-от гол на 38-от меч сезонава во сите конкуренции, 11 во низа за Реал, вкупно 10-ти на дуелите против Јуве. Новиот германски првак Баерн, одигра рутински против Севилја, (0-0, на првиот меч беше 2-1) што беше доволно за пласман меѓу најдобрите четири екипи, седми пат во последните девет сезони, вкупно 11-ти пат (само Реал е поуспешен со 13 полуфиналиња). Баерн не успеа да постигне гол првпат по 22 меча дома во низа во ЛШ (по април 2014-та), но успеа да не прими гол 100-ти пат на мечевите во европска конкуренција. Баерн е непоразен на 20 меча сезонава на арената „Алијанц“ (17 победи и три ремија), како единствен тим во петте најдобри европски лиги, во Англија, Шпанија, Италија и Франција.
По серијата „осминафиналиња“, Реал сега има серија „полуфиналиња“
Актуелниот фудбалски првак на Европа, Реал Мадрид осма сезона едноподруго се пласира во полуфиналето на Лигата на шампионите. Од тоа трипати играше во финалето и исто толку пати потоа ја освои титулата. Оваа успешна осумгодишна серија, со осум полуфиналиња во низа на Реал доаѓа по една друга серија, од шест години, во кои кралскиот клуб секогаш беше сопиран во осминафиналето (од 2005 година во следните шест години во таа фаза загуби од Јувентус, Арсенал, Баерн, Рома, Ливерпул и од Лион). Г.М.