Тоа беше на мечот Јувентус – СПАЛ, во италијанската Серија А (2- 0), а историскиот меч, 73-ти за Јувентус, тој го „зачини“ со голот во 39-та минута
Фудбалската легенда на Португалија, Кристијано Роналдо (35), стана еден од ретките фудбалери што одиграле 1.000 натпревари во кариерата, од кои 836 клупски и 164 репрезентативни. Тоа беше на мечот Јувентус – СПАЛ, во италијанската Серија А (2- 0), а историскиот меч, 73-ти за Јувентус, тој го „зачини“ со голот во 39-та минута (725-ти во кариерата), на 11-от последователен натпревар во Серија А (со што се израмни со рекордерите Габриел Батистута во 1994-та и Фабио Квалјарела во јануари 2109-та).
Роналдо ја започна кариерата во Спортинг, а потоа мина во Манчестер јунајтед, во 2003 година, каде што одигра 292 натпревари, притоа освојувајќи три шампионски титули во Премиер-лигата и една во Лигата на шампиони (ЛШ), во 2008 година, кога ја освои и првата „златна топка“.
Петкратниот освојувач на „златната топка“ во деветте сезони за Реал одигра 438 натпревари. Трансферот во Мадрид го најави и почетокот на „златната“ ера за него, каде што за речиси една деценија стана најефикасниот играч на клубот, придонесувајќи во освојувањето на 15 големи трофеи, вклучувајќи ги и трите последователни триумфи во ЛШ, во 2016, 2017 и 2018-та, под Зинедин Зидан. Успесите продолжија и по преселбата во Италија, со освојувањето на титулата во Серија А, со Јувентус.
На меѓународно ниво, на 164 настапи за Португалија, Роналдо постигна 99 гола, а во 2016 година како капитен стана и европски првак.
Три гола на Меси за 26 минути
Лионел Меси постигна хет-трик во првото полувреме, во период од само 26 минути, плус уште еден гол во второто полувреме, во 87 минута, за триумфот на Барселона над Еибар, 5-0, на „Ноу камп“. Тоа беше 48-от хет-трик за Меси во клупската кариера (плус шест за Аргентина), со што го надмина Кристијано Роналдо, кој има постигнато 47.
За Меси тоа беа први голови во Ла лига, по 19 јануари и мечот против Гранада. Моментално тој е најефикасен во шпанското првенство, со 17 гола.