Меѓу рекордите на ова СП што можат да бидат соборени се и постигнувањата како првак како играч и селектор, повеќе голови на повеќе мундијали, серии без пораз…
Светското првенство во фудбал, број 21, почнува денеска во Москва, со мечот на домаќинот на мундијалот, Русија, со Саудиска Арабија. Во следните 30 дена фудбалерите и селекторите може да соборат барем 10 рекорди, меѓу нив за возраст, голови, настапи…
- 135 години и три месеци ќе биде заедничката возраст на селекторите Оскар Табарез и Фернандо Сансос ако Уругвај и Португалија се сретнат во осминафиналето, и тоа ќе биде рекорд, надминувајќи го досегашниот од 133 години и девет месеци поставен на СП 2010, кога се сретнаа Грција и Нигерија, со селекторите Ото Рехагел и Ларс Лагербек.
- 45 години и пет месеци ќе има Есам ел Хадари кога Египет ќе се сретне со Уругвај. Ако тој заигра на СП во Русија, ќе го собори рекордот на Фарид Мондрагон од 43 години и три дена и ќе стане најстариот фудбалер што заиграл на едно СП.
- 13 меча без пораз на СП, од поразот со 2-4 од Унгарија во четврт-финалето во 1954 година и поразот од истиот противник во групната фаза на СП 1966, е светскиот рекорд на Бразил. Германија сега има серија од осум меча без пораз на мундијалите, од поразот со Шпанија со 0-1 во полуфиналето во 2010 година.
- 6 гола како капитен постигна Аргентинецот Диего Марадона, а неговиот сонародник Лионел Меси досега постигна четири со капитенската лента на раката, за време на мечеви од СП.
- 6 меча без пораз на СП е рекордот на Мексико за селекции од зоната КОНКАКАФ, од СП 1994 до СП 1998. Костарика, која не загуби на петте меча на СП 2014 ќе го изедначи овој скор ако остане непоразена со Србија, а ќе го надмине ако потоа и не загуби од Бразил.
- 5 гола на секое од трите светски првенства е нешто што ќе се обиде да го направи Германецот Томас Милер. Германецот Мирослав Клосе и Перуанецот Теофило Кубилјас се единствените што постигнувале повеќе од четири гола на неколку мундијали.
- 5 светски првенства во кариерата е нешто на што цели Мексиканецот Рафаел Маркес, ако настапи на СП 2018. Досега такво нешто направија Мексиканецот Антонио Карбахал и Германецот Лотар Матеус, а Италијанецот Џанлуиџи Буфон беше на пет мундијали, но не настапи ниту една минута на СП 1998.
- 5 ремија по ред на СП е рекордот на Белгија од 1998 до 2002 година. Костарика ремизира на три меча во низа на СП 2014.
- 4 светски првенства со барем еден постигнат гол е рекордот на Германецот Уве Зелер, Бразилецот Пеле и на Германецот Мирослав Клосе. На СП 2018 тоа може да го достигнат Рафа Маркес од Мексико, Тим Кејхил од Австралија и Кристијано Роналдо од Португалија.
- 3 спортисти ќе имаат светска титула како фудбалер и селектор, ако светската круна на СП 2018 ја освои Франција со селекторот Дидие Дешам, кој како играч беше светски првак во 1998 година. Досега ваква двојна титула имаат Бразилецот Марио Загало и Германецот Франц Бекенбауер.