Баерн го победи Шалке и првпат еден тим постигна повеќе од шест гола на премиерниот меч. Првакот нема пораз од 7 декември лани. Левандовски, пак, постигна гол во првото коло во седмата од 11-те негови сезони, со што се израмни со рекордерот Клаус Фишер

ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА

Новиот европски првак Баерн го победи Шалке на отворањето на новата сезона во германската фудбалска Бундес-лига со 8-0. Досега ниту еден тим не постигнал повеќе од шест гола на прв меч во сезоната. Серж Гнабри постигна хет-трик (три гола), прв за него во Бундес-лигата, а на листата на стрелци, меѓу другите, се најдоа и Роберт Левандовски и Лирој Сане (имаа и по две асистенции), кој летово во Баерн пристигна од англискиот премиерлигаш Манчестер сити.
За Баерн тоа беше 22-та победа по ред, или вкупно 30-та, со едно реми, по последниот пораз на 7 декември лани.

Левандовски (32), пак, постигнува гол на премиерниот меч од сезоната во седмата од 11-те негови сезони, со што се израмни со рекордерот Клаус Фишер. Тој го постигна 236-от гол во Бундес-лигата и е втор најдобар стрелец во клупската историја, зад Герд Милер, кој во 70-тите години од минатиот век постигна дури 365 гола.
Во минатата сезона Левандовски стана првиот фудбалер што освоил три трофеи, во Лигата на шампионите, во Бундес-лигата и во Купот на Германија и бил најдобар стрелец во сите три натпреварувања.


Борусија Дортмунд на „младински погон“

Во првото коло на германската фудбалска Бундес-лига, Борусија Дортмунд го доби дербито против Борусија Менхенгладбах, дома, со 3-0. Младите, екстра-талентирани играчи на Борусија Дортмунд, Англичаните Џејдон Санчо (20), Џуд Билингам (17), Американецот Џовани Реина (17) и Норвежанецот Ерлинг Халанд (20) го обележаа овој меч. Два гола постигна Халанд, а еден Реина, и тоа по асистенциите на Билингам и на Санчо.