На мечот Унион Берлин – Баерн (0-2), Левандовски го постигна 26-от гол на 26 првенствени меча (втор со таков ефект во Германија, по Герд Милер), вкупно 40-ти на 34 меча сезонава во сите натпреварувања

ФУДБАЛ

Првакот Баерн забележа победа на гости кај Унион Берлин (2-0), со головите на Роберт Левандовски и на Бенжамин Павард, во продолжението на фудбалската сезона во Германија, по паузата поради пандемијата на коронавирусот. За Левандовски тоа беше 26-ти гол на 26 првенствени меча во Германија (втор со таков ефект по Герд Милер), вкупно 40-ти, на 34 меча сезонава во сите натпреварувања.
Во првата сезона, 2014/2015 во дресот на Баерн, Левандовски постигна релативно скромни 25 гола, а во следните сезони постигна 42, 43, 41 и 40 гола.

– Левандовски еднаш ми кажа дека неговиот татко е постојан гледач на мечевите во Бундес-лигата и оти во една пригода му рекол: „Мора да гледаш како игра Џовани Елбер“. Јас му одговорив: „Ти не си ми рамен, ти си дури и подобар од мене“. Импресивна е фокусираноста што ја има, неговата смиреност. Тој е спектакуларен човек – изјави за „Гол“ поранешниот напаѓач на Баерн, Бразилецот Џовани Елбер, исто така, врвен стрелец.

Но и покрај головите, Левандовски уште не постигнал сѐ во Баерн. Меѓу почестите што уште ги брка се титулата во Лигата на шампионите (ЛШ) и рекордот на сите времиња на Бундес-лигата на Герд Милер од 40 гола во една сезона. Неговиот рекорд изнесува 30 гола, постигнати во сезоните 2015/2016 и 2016/2017. 


Ефикасниот Баерн на Флик

Ханси Флик, тренерот на германскиот фудбалски првак Баерн и водечки тим сезонава, си обезбеди место во историјата на Бундес-лигата со тоа што на 16 меча под негово водство Баварците постигнаа рекордни 50 гола (два во неделата на првенствен меч), или во просек 3,1 по натпревар. Тоа е најдобар просек за тренер во 57-годишната историја на Лигата.