На другите натпревари во оваа рунда во Лига Европа како изненадување може да се оквалификува поразот на ланскиот полуфиналист во ЛШ, Ајакс, на гости од Хетафе, со 0-2, во 1/16-финалето во Лига Европа

Бекот на македонската фудбалска репрезентација, Стефан Ристовски ги одигра сите 90 минути за Спортинг во дуелот со Башакшехир (3-1) во првиот дуел од 1/16-финалето во Лига Европа (ЛЕ). Спортинг, кој по осми, рекорден пат (како и Ајакс) е меѓу 32-те најдобри екипи во ЛЕ, има солидна предност пред реваншот в четврток во Истанбул.

На другите натпревари во оваа рунда како изненадување може да се оквалификува поразот на ланскиот полуфиналист во Лигата на шампионите (ЛШ) Ајакс, на гости од Хетафе, со 0-2. Ајакс играше слабо, не успеа да регистрира ниту еден удар на голот на шпанскиот тим и покрај тоа што имаше 65 насто посед на топката. Тој натпревар беше со многу прекини на играта, прекршоци, превиткувања на теренот и ефективно се играше само 42,36 минути, што е втор најкраток меч во ЛЕ во претходните 11 години.

Во второто полувреме имаше и една ситуација кога поранешниот дефанзивец на Сандерленд и на Вотфорд, Алан Ниом, почна да превиткува на теренот по прекршокот на Рајан Бабел, поранешен напаѓач на Ливерпул и на Фулам. На тоа Бабел реагираше фрлајќи се и тркалајќи се на теренот до Ниом, исмевајќи го за реакцијата, за што не доби жолт картон.

– Не го очекував тоа од искусен играч. Треба да останете смирени. Мора да се фокусирате на вашата работа, да играте фудбал – беше реакцијата на тренерот на Ајакс, Тен Хаг. 


ПРВИ МЕЧЕВИ
Клуж – Севилја 1-1
Бриж – Манчестер Ј. 1-1
Ајнтрахт – Салцбург 4-1
Копенхаген – Селтик 1-1
Хетафе – Ајакс 2-0
Лудогорец – Интер 0-2
Шахтар – Бенфика 2-1
Спортинг – Башашехир 3-1
АПОЕЛ – Базел 0-3
Алкмар – Ласк 1-1
Баер – Порто 2-1
Олимпијакос – Арсенал 0-1
Ренџерс – Брага 3-2
Рома – Гент 1-0
Волфсбург – Малме 2-2
Вулверхемптон – Еспањол 4-0
реваншите се в четврток