Репрезентациите со кои Македонија неделава ќе игра во групата Ц на ЕП неделава ќе имаат тест-средби, и тоа Холандија со Шкотска и со Грузија, Австрија со Англија и со Словачка, а Украина со Северна Ирска и со Кипар
ФУДБАЛ – ПОМИНА РОКОТ ЗА ПРИЈАВА НА СОСТАВИТЕ ЗА ЕП 2020
Фудбалските репрезентации вчера го имаа последниот рок да ги пријават 26-те играчи на кои ќе сметаат за настап на 16-то Европско првенство (ЕП) што треба да почне идниот петок. Од групата Ц, селекторите на Македонија, Австрија и на Холандија ги објавија своите тимови, а тоа се очекуваше синоќа и од кормиларот на Украина, кој прво објави поширок состав со 34 фудбалери.
Најискусни во составот на холандскиот селектор Франк де Бур, се Дели Блинд од Ајакс со 77 и Горгинио Вајналдум од Ливерпул со 73 меча. Репрезентацијата е составена од фудбалери од клубови од седум земји, најмногу од Холандија (11, членови на Ајакс, ПСВ, АЗ и на Феенорд). За Холандија ќе настапат и фудбалери што играат во Англија (шестмина), Шпанија, Италија (по тројца), Франција, Германија и Русија (по еден). Репрезентативците се на возраст од 19 до 38 години (двајца без меч досега, највозрасен е голманот Мартен Стекеленбург од Ајакс). Холандија во пријателските средби денеска треба да игра со Шкотска, а в недела со Грузија, двете дома.
Селекторот на Австрија, Франко Фода (Германија), во составот има фудбалери што сезонава настапуваа во клубови од пет земји, најмногу во Германија (21), меѓу кои е и Давид Алаба (лани европски првак со Баерн), кој се пресели во Реал Мадрид. Во селекцијата се и фудбалери на Хофенхајм, Лајпциг, Баер, Ајнтрахт, Борусија (М), Волфсбург… Од домашното првенство се двајца, членови на ЛАСК и на Салцбург. Сите 26 фудбалери (досега еден без настап) се на возраст од 21 до 35 години. Австрија ќе одигра две тест-средби со учесници на ЕП, денеска на гости со Англија и в недела дома со Словачка.
Поширокиот состав на Андриј Шевченко, селекторот на Украина, пред неколку дена беше скратен на 31 (тројца би биле дебитанти) и од нив најискусни се голманот и Андриј Пјатов со 96 и плејмејкерот Андриј Јармоленко со 92 меча. Тие 31 фудбалер (од 18 до 36 години) се членови на клубови од шест земји, најмногу од Украина, 21. Украина во првиот тест-меч ремизира 1-1 со Бахреин, а уште треба да игра дома утре со Северна Ирска и в понеделник со Кипар.
Во првото коло на ЕП, Македонија во Букурешт треба да игра идната недела со Австрија, потоа на 17 јуни со Украина, исто така, во Букурешт, а во третото коло на 21 јуни со Холандија, во Амстердам.