Европското фудбалско првенство одложено за идната година е јубилејно, откако годинава, кога требаше да се игра шампионатот, се навршуваат 60 години од првото, одржано во 1960 година. „Нова Македонија“ периодично објавува приказни за минатите првенства на Стариот Континент, за неговата еволуција, за поединците и за репрезентациите што го обележија ова натпреварување

ФУДБАЛ – ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА (12)

Репрезентацијата на Грција, предводена од германскиот селектор Ото Рехагел, ја изненади фудбалска Европа, триумфирајќи на Европското првенство (ЕП) во 2004 година, откако во финалето го совлада домаќинот, репрезентацијата на Португалија, во Лисабон, со 1-0. Стрелец на победоносниот гол беше Ангелос Харистеас. Грција, која сите натпревари во нокаут-фазата (со Чешка, Франција и со Португалија) ги доби со по 1-0, беше деветтата земја првак на Европа на 12-те дотогашни шампионати.
Грција беше подобра од Португалија и во воведниот натпревар на тоа Европско првенство, кога победи со 2-1. Првпат на едно големо натпреварување две репрезентации играа во првиот и во финалниот натпревар.

Португалците, пак, беа првата селекција домаќин на европски шампионат што се пласира во финалето, по Франција во 1984 година и прва што беше поразена во натпреварот за титулата. Потоа, на ЕП во 2016 година Франција како домаќин во Париз загуби од Португалија, со 0-1.

Репрезентацијата на Грција, предводена од германскиот селектор Ото Рехагел, триумфира на ЕП 2004, откако во финалето ја победи Португалија. На тоа ЕП првпат домаќин загуби финале, првпат две селекции играа во првиот и во дуелот за трофејот и првпат селектор странец ја освои титулата

Рехагел, поранешниот тренер на германскиот Вердер, стана првиот странски селектор (и највозрасен, на 65 години) што предводел репрезентација до освојување на европска титула. Тој ја предводеше Грција и на Европското првенство во 2008 година и на Светското првенство (СП) во 2010 година, по што повлече од функцијата.Едната деценија како селектор на Грција ги засени неговите огромни постигнувања дома. Тој е единствениот човек со над 1.000 натпревари во германската Бундес-лигата, како фудбалер и како тренер.

Грција претходно настапи на ЕП 1980 и на СП 1994, без да забележи победа. Но со квалификациите за ЕП беше во серија од 15 меча без пораз, за што најмногу заслуги му се даваат на Рехагел, кој успеа да воведе дисциплина и играњето во репрезентацијата да стане приоритет.
ЕП 2004 година беше првото големо натпреварување на кое домаќин беше Португалија. За таа намена беа изградени или комплетно реновирани десет стадиони, во Лисабон и во Порто (по два), во Авеиро, Брага, Коимбра, Фаро/Лул, Гимараеш и во Леирија.

 

[email protected]