Ренџерс го совлада Селтик со 1-0 во градското дерби на Глазгов, и е на добар пат да го запре Селтик да ја освои 10-та, рекордна титула првак во низа

ФУДБАЛ

Во познатото шкотско, глазговско градско дерби, кое некои го ставаат во рангот на шпанското „Ел класико“, Барселона – Реал Мадрид, и на други познати европски и светски градски фудбалски дуели, Ренџерс го совлада Селтик со 1-0. Со овие три бода тимот предводен од легендата на Ливерпул, Стивен Џерард, по 22 кола има 62 бода, 19 повеќе од Селтик, кој има и три меча помалку. Ренџерс е на добар пат кон освојување на 55-та титула (Селтик има 51) и да го запре Селтик да ја освои 10-та, рекордна титула првак на Шкотска во низа.
Првпат по сезоната 1967/68 Ренџерс е без пораз по првите 22 кола (20 победи и две ремија), а Џерард е првиот менаџер на Ренџерс, по Волтер Смит, што забележува три победи едноподруго во дуелите против лутиот градски ривал. Според некои статистики, овие два клуба, од 1888 година одиграле 422 официјални и пријателски натпревари, а поуспешен е Ренџерс со 164 победи, наспроти 159-те на Селтик.
Од 1999 година во последното коло од првенството не се играат мечеви Ренџерс – Селтик. Ова следуваше откако во мај 1999 година во последната рунда, Ренџерс имаше шанса да ја освои лигата во решавачкиот меч токму со Селтик. Но на тој меч, навивачите на Селтик фрлале најразлични тврди предмети кон противничките играчи од кои еден го погодил во глава судијата Хју Далас, кој морал да го прекине мечот за да му биде укажана лекарска помош. Оттогаш нема дуели Ренџерс – Селтик во последното коло за да се избегнат какви било потенцијални нереди.