Италија ја совлада Австрија со 2-1 во осминафиналето на ЕП 2020, со головите на Киеза и на Песина во судиското продолжение, и сега е во серија од 31 меч без пораз, четири помалку од рекордерите Бразил и Шпанија

Федерико Киеза и Матео Песина ги постигнаа двата гола во триумфот на Италија над Австрија (2-1) во судиското продолжение, на „Вембли“ пред 18.910 гледачи, за пласман на Италија во четврт-финалето на фудбалското Европско првенство (ЕП), во кое в петок, ќе се сретне со подобриот од дуелот Белгија – Португалија (играа синоќа).
Младиот Киеза (23) му се придружи на својот татко, Енрико, кој постигна гол на финален турнир, на ЕП 1996, против Чешка. Песина, пак, постигна четири погодоци на претходните четири настапи за Италија. Неговиот гол беше 100-ти на ЕП 2020.
– Знаевме дека ќе биде тешко против Австрија, која е тим што не дозволува да играте добро. Резервистите ја направија пресудната разлика за нас, но сите дадоа сѐ од себе на овој меч, среќен сум што победивме – изјави селекторот на Италија, Роберто Манчини.

Австрија, која првпат настапи во нокаут-меч на ЕП, одигра одлично против Италија, која не беше на високото ниво од минатите три меча во групната фаза. Но на крајот Италија победи и ја продолжи низата од сега 31 меч по ред без пораз што е нов национален рекорд, надминувајќи ја успешната серија од 30 меча без пораз во периодот од октомври 1935 до јули 1939 година, под водство на селекторот Виторио Поцо. Во тој период, Италија ја освои втората титула светски првак (1938 година) и стана олимписки шампион (1936-та). Италија се израмни со Аргентина, која во периодот од 1991 до 1993 година имаше иста таква успешна низа. Рекордери со по 35 натпревари без пораз се Бразил и Шпанија. Последниот пораз Италија го претрпи во септември 2018 година од Португалија, а голот што го прими беше прв по 12 меча, од октомври 2020-та или по 1.168 минути.


Втор меч со три гола во судиско продолжение на ЕП

Натпреварот со Австрија во осминафиналето на фудбалското Европско првенство (ЕП) беше осми на Италија на европските првенства во кој се играа продолженија, повеќе од која било друга репрезентација во историјата на ова натпреварување. Двата гола беа први погодоци за „азурите“ во дополнителните 30 минути. Наедно ова беше втор натпревар на ЕП на кој беа постигнати три гола во судиското продолжение, по оној помеѓу Франција и Португалија во 1984 година (беше 3-2).