Тимот од Сан Себастијан, кој последен пат беше првак на Шпанија пред 40 години, до пред неколку недели беше на првата позиција и во серија од 13 меча без пораз, но сега по двата во низа, последниот во дербито од Реал Мадрид дома (0-2) падна на петтото место со 29 бода, 10 помалку од лидерот Реал Мадрид

ФУДБАЛ – ШПАНИЈА

Реал сосиедад ја нема освоено шампионската фудбалска титула во Шпанија 40 години (во 1982, и претходно во 1981-та), но имаше некакви најави дека сезонава тоа можеби ќе се промени. Сосиедад, кој е формиран во 1909 година, до пред неколку недели беше на првата позиција и во серија од 13 меча без пораз, но сега по двата во низа е на петтото место со 29 бода, 10 помалку од лидерот Реал Мадрид. Еден од клучните играчи е младиот, 22-годишен напаѓач, Швеѓанецот Александар Исак.
– Борбата за титулата ќе почне во април. Првото место сега не значи ништо. Единственото нешто што нѐ прави среќни е кога победуваме. Тоа е забавно, но нема да биде забавно ако на крајот не завршиме таму – вели Исак.
Подемот на клубот од Сан Себастијан претходниве сезони се совпадна со зголеменото влијание на Исак во тимот. Тој постигна девет гола во првата сезона, 2019/2020, а Сосиедад беше шести. Лани тој имаше 17 гола, Сосиедад беше петти, но триумфира во Купот на Шпанија со Атлетик Билбао. Сосиедад е познат по „производството“ талентирани млади играчи од славната клупска академија „Зубиета“, кои ги надополнува со паметни аквизиции. Покрај Исак, до неодамна и Мартин Одегард, сега играч на Арсенал, другиот е поранешниот плејмејкер на Манчестер сити, Давид Силва (35), кој пристигна минатата година.

Норвешкиот напаѓач Александер Сорлот од Лајпциг е на заем. Тој е импресиониран од Силва, но и од тренерот Иманол Алгуацил, чија улога во успесите сезонава и лани не смее да се потцени. Тој играше за Сосиедад речиси една деценија, во почетокот на кариерата, а потоа напредуваше во клубот и како тренер на речиси сите категории, станувајќи шеф на првиот тим во 2018 година (најдолго по вториот мандат на Велшанецот Џон Тошак во раните 1990-ти).
За навивачите на „бело-сините“ најзначајната промена беше реконструкцијата на стадионот „Аноета“, дом на клубот од Сан Себастијан од 1993 година. Таа промена се состоеше во отстранување на атлетската патека околу теренот што беше направено со ископување и со додавање дополнителни редови седишта каде што беше патеката. Со тоа, најблискиот ред од трибината до теренот сега наместо 40 е оддалечен осум метри. По двегодишната реконструкција на стадионот што заврши во 2019-та, капацитетот се зголеми за околу 8.000 седишта, на 40.000, има многу подобра акустика, двојно повеќе влезови итн.