Реал Сосиедад на 10-те средби постигна 21 гол, најмногу од сите, а прими само четири и, како што пишуваат шпанските медиуми, е вистинско „уживање да се гледа“. Во првиот тим на Сосиедад има 16 фудбалери од клупската академија Зубиета, повеќе од кој било друг тим на највисоко ниво во Шпанија

Во новата сезона во фудбалската Ла лига, шпанските гиганти Барселона и Реал Мадрид веќе прокнижија по три порази (Барса вчера играше дома со Осасуна), но, за разлика од нив, одлично турка Реал Сосиедад од Сан Себастијан, кој по 10 кола (синоќа играше со Вилјареал) е на делба на лидерската позиција со Атлетико, со по 23 бода.
Реал Сосиедад на 10-те средби забележа седум победи, две ремија и еден пораз, а постигна 21 гол, најмногу од сите, и прими само четири (најдобар ефект од сите водечки европски тимови) и, како што пишуваат шпанските медиуми, е вистинско „уживање да се гледа“.
Тренерот на Реал Сосиедад, Иманол Алгуасил (49), кој настапуваше за Сосиедад како дефанзивец, од 1990 до 1998 година, се врати во Сосиедад како тренер на младите фудбалери во 2011 година. Откако изостанаа успесите со тренерите Дејвид Мојс и Еузебио Сакристан, во декември 2018 година клубот се сврте кон човекот што одлично ги познаваше работите однатре.
Начинот на работа на Алгуасил со младите категории во клубот што ги создаде Чаби Алонсо и Антоан Гризман е клучен за најдобриот почеток на сезоната на Сосиедад по сезоната 1981/1982, кога последен пат беше освоена шампионската титула во Шпанија, се вели во написот на „Ројтерс“.

Во првиот тим на Сосиедад има 16 фудбалери што потекнуваат од клупската академија Зубиета (на возраст од 18 до 24 години), повеќе од кој било друг тим на највисоко ниво во Шпанија.
Вербата на клубот во младите играчи, исто така, помогна во справувањето со финансискиот дисбаланс поради ковид-19. Реал Мадрид ја почна сезоната со буџет од 468 милиони евра, Барса со 382 милиони, што е многу повеќе од буџетот на Сосиедад од 100 милиони, осми по вредност во Ла лига, пишува „Ројтерс“.
Алгуасил, сепак, вели нема да биде задоволен доколку неговата екипа не го одржи нивото од извонредниот почеток.
– Статистичките податоци покажуваат дека тимот работи добро, но тоа не е доволно. Ако сакаме да постигнеме нешто големо, треба да продолжиме со добрите игри и со освојувањето бодови. Да бидеме лидери по 10 натпревари не значи ништо – вели Алгуасил.


Алгуасил: Начинот на кој играте е поважен од победата

Она што го направиме досега е извонредно, но она што ме прави многу горд е како го правиме тоа. Отсекогаш верував дека начинот на кој играте е поважен од победата и кога гледам како овие фудбалери ги бранат клупските бои, можам само да им честитам, вели тренерот на Реал Сосиедад, Иманол Алгуасил.