Актуелниот европски првак Ливерпул може да игра против пет тима, од кои само со Лион има негативен скор, подобар е во досегашните дуели со Борусија, израмнет со Реал и со Атлетико, а од можните противници е и Аталанта, со која Ливерпул досега не играл никогаш
Точно напладне Европската фудбалска унија (УЕФА ќе организира ждрепка на двојките за осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), во кое се најдоа 16 тима од петте најсилни европски лиги (Англија, Германија, Франција, Шпанија и Италија). Ждрепката ќе биде полудиригирана, пa меѓу себе нема да можат да играат првопласираните тимови во групите, како и тимови од иста група или земја.
Според податоците на УЕФА, актуелниот европски првак Ливерпул може да игра против пет тима, од кои само со Лион има негативен скор (без победа, со по едно реми и пораз). Англискиот тим има позитивен скор со Борусија Дортмунд, а ист со мадридските тимови Реал и Атлетико. Од можните противници тука е и Аталанта, со која Ливерпул досега не играл никогаш.
И најтрофејниот европски клуб во ЛШ Реал Мадрид (13 титули) има пет потенцијални противници. Никогаш не се сретнал со Лајпциг, има позитивен скор со Баерн, Јувентус (по една победа повеќе) и со Манчестер сити (по две победи и ремија, без пораз), а еднаков резултат со Ливерпул.
Баерн, кој единствен ја заврши групната фаза сезонава без загубен бод, има шест можни противници, од кои првпат би се сретнал со Аталанта. Од другите, позитивен скор има со Атлетико (една победа повеќе) и со Лион (две победи вишок), еднаков со Челси и со Наполи (по една победа и пораз, со уште по две ремија, а послаб од Реал Мадрид (една победа помалку).
Барселона има два потенцијални противника со кои не се сретнала (Наполи и Аталанта), два од кои е подобра, Тотенхем и Лион и еден со кој има израмнет скор, Челси. Манчестер сити од петте можни ривали со еден не играл (Атлетико Мадрид), со три има послаб меѓусебен скор (Борусија, Лион и Реал), а подобар е само од еден (Наполи).
Наполи на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас има шест можни противници, досега подобар е од Валенсија и од ПСЖ, еднаков е со Баерн и со Лајпциг, а поуспешен во меѓусебните дуели е Манчестер сити. Ланскиот финалист Тотенхем има три потенцијални ривали со кои првпат би се сретнал во европски меч (Лајпциг, ПСЖ и Валенсија), а со другите два на шест меча не забележал победа (со Барселона и со Јувентус). Лајпциг има пет ривали со кои не се сретнал досега, а со Наполи има еднаков скор (по една победа за двата тима).