Шпанските гиганти досега во ЛШ шутнале по 42 пенала, а Реал Мадрид и Арсенал примиле најмногу голови од 11 метри, по 23
Реал Мадрид и Барселона се рекордери во изведени пенали во Лигата на шампионите (ЛШ), стои во анализата на Европската фудбалска унија (УЕФА) пред почетокот на новата сезона во најквалитетното клупско натпреварување во Европа. Двата шпански гиганта, откако се игра овој формат на ЛШ (од 1992 година) шутнале по 42 пенала, а на оваа листа потоа следуваат Баерн со 38, Манчестер јунајтед со 27, Арсенал со 26 итн. Реал и Барселона изведуваат пенали речиси секој шести меч, а од релативно поновите клубови во ЛШ на речиси секој четврти меч од 11 метри шутираат фудбалерите на Манчестер сити и на Севилја, пишува УЕФА.
Но Реал Мадрид е на врвот и на спротивната листа, оти со Арсенал водат според примени голови од пенал, по 23. Еден помалку примил Баерн, а потоа следуваат Олимпијакос со 18, Барселона со 17 итн.
Фудбалерите на Јувентус и на Валенсија, пак, со по 91 процент успешност, се најсигурни пеналџии меѓу тимовите што извеле барем 10 удари од белата точка. Бешикташ и Вердер имаат вкупно најдобар процент, со по седум гола од седум пенала.
Голманите на Манчестер сити имаат најдобар процент на одбранети пенали на листата на која се клубови со барем 10 пенали против нив, со 50 отсто (пет од 10) успешност. Атлетико Мадрид, пак, примил само два гола од петте пенали во ЛШ досудени за противникот. На другиот крај на оваа листа на УЕФА е Динамо Киев со 11 примени гола од 11 пенали. Чуварите на мрежите на Монако и на ПСВ Ајндховен не одбраниле пенал, а кога тие тимови по еднаш не примиле гол од пенал, тогаш противникот го промашил голот. Без одбранет пенал се и голманите на БАТЕ (од девет), ЦСКА (седум), Ливерпул, Базел (по пет).
Реал и Милан се водечки на листата со актуелна низа на постигнати голови од пенал, со по девет едноподруго, пред Бешикташ, Валенсија и Вердер со по седум. Откако на 1 октомври 2014 година голманот на Лудогорец му го одбрани пеналот на Кристијано Роналдо, португалскиот фудбалер ги искористи сите девет следни удари од 11 метри.
Првиот пенал во ЛШ бил изведен на 25 ноември 1992 година, од Марко ван Бастен во победата на Милан над Гетеборг со 4-0. Вкупно во ЛШ досега биле изведени 631 пенал, реализирани се 488 (77 отсто), 103 пати голманите одбраниле (17 проценти), а 39 пенали завршиле надвор од рамките на голот (шест отсто).
Чех и Касилјас фатија по пет, Бут постигна три
Чехот Петр Чех и Шпанецот Икер Касилјас се водечки на листата голмани со по пет одбранети пенали во фудбалската Лига на шампионите, од барем десет изведени. Чех тоа го направи од 11 пенали против неговиот тим, а Касилјас петте ги одбрани од 19 шута од белата точка, но последен пат пред девет години. По четири пенали имаат одбрането Германецот Мануел Ноер (од 10) и Италијанецот Џанлуиџи Буфон (од 11).
Од другите Марк Андре тер Штеген и Џо Харт одбранија по три пенали од пет изведени, Кевин Трап има два од четири, а Јан Облак одбрани во двата случаја кога му шутирале пенал.
Од голманите, Јерг Бут постигна три гола од пенал, сите против Јувентус, но за три различни клуба – Баерн, Баер и Хамбург.