Ако еден град предложи сценарио без гледачи, натпреварите што треба да се одиграат таму би „можело“ да се пренасочат во градови што можат да пречекаат гледачи, изјавија од УЕФА за АФП
ФУДБАЛ
Плановите на Европската фудбалска унија (УЕФА) за присуство на гледачи на сите натпревари на претстојното Европско првенство (ЕП) предизвикаа лутина во Германија, каде што Минхен треба да биде град-домаќин на натпреварите, објави агенцијата „Франс прес“ (АФП). Одложеното ЕП од лани поради пандемијата на коронавирусот треба да се одржи летово во 12 земји, од 11 јуни до 11 јули. Но УЕФА предупредува дека може да ги смени стадионите доколку градот-домаќин инсистира натпреварите да се играат зад затворени врати.
– Ако еден град предложи сценарио „без гледачи“, натпреварите што треба да се одиграат таму би „можело“ да се пренасочат „во градови што можат да пречекаат гледачи – изјавија од УЕФА за АФП.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, пред неколку дена за хрватски „Спортске новости“ изјави дека финалниот турнир на ЕП нема да се игра „пред празни трибини“, пишува АФП.
– Секој град-домаќин треба да гарантира присуство на гледачи – изјави Чеферин.
Претседателката на спортскиот комитет во германскиот парламент, Дагмар Фрајтаг, го критикуваше таквиот став на УЕФА поради високата стапка на заразени од ковид-19 низ Европа.
– Барањето на УЕФА е игнорантско и неодговорно во поглед на предизвиците поврзани со пандемијата со која 12-те земји-домаќини уште треба да се соочат. Тоа уште еднаш покажува колку многу се оддалечил фудбалот од сегашната реалност во нашите општества – изјави Фрајтаг за АФП.
Други градови-домаќини на ЕП се Лондон, Амстердам, Баку, Билбао, Будимпешта, Букурешт, Даблин, Глазгов, Копенхаген, Рим и Санкт Петербург. Секој од нив има рок до 7 април да ја извести УЕФА за своето сценарио во однос на присуството на гледачи, пред состанокот на Извршниот комитет (ИК), на 19 април, во пресрет на годишниот конгрес во Монтре. Арената „Алијанц“, домот на Баерн, со капацитет од 75.000 места, треба да биде домаќин на групните натпревари на Германија со Франција, Португалија и со Унгарија, плус на едно четврт-финале.
Германската фудбалска асоцијација (ДФБ) соопшти дека ги разгледува сите сценарија „според прописите“, со надеж дека гледачи ќе можат да присуствуваат на натпреварите во Минхен. Дитер Рајтер, градоначалникот на Минхен, рече дека е невозможно да се предвиди дали ситуацијата со ковид-19 во јуни ќе може да им овозможи на гледачите да се најдат на стадионот.
– Во овој момент не е можно ништо да се каже дали ситуацијата ќе дозволи да има гледачи на стадионот. Она што е јасно е дека, според сегашните прописи, на настаните од ваков вид не е дозволено да има публика – изјави Рајтер.
Организаторите на мечевите во Минхен изјавија дека „не доаѓа предвид“ престолнината на Баварија да се повлече како град-домаќин. УЕФА вели дека форматот на ЕП во повеќе градови е доста сложен, но им дава на организаторите флексибилност да се справат со проблемите што произлегуваат од пандемијата.
– Ако не можеме да сториме ништо во една земја, има уште 11 други каде што веќе се во тек подготовките – изјави за АФП здравствениот советник на УЕФА, Даниел Кох.