Манчестер јунајтед направи подвиг за да го елиминира Пари Сен Жермен во осминафиналето, станувајќи првиот клуб во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) што успеал да обезбеди понатамошен пласман во нокаут-фазата по пораз од два гола разлика на домашен терен во првиот меч.
Англискиот клуб славеше со 3-1 во Париз, со што помина понатаму благодарение на повеќе голови постигнати на гости, откако го загуби првиот дуел во Манчестер со 0-2.
Маркус Рашфорд го постигна решавачкиот гол од пенал во судиското надополнување, откако претходно Ромелу Лукаку двапати погоди за Јунајтед (во 2-та и во 30-та минута), а Хуан Бернат беше стрелец на единствениот погодок за ПСЖ во 12-та минута.
Подвигот на екипата од „Олд Трафорд“ е особено импресивен, ако се земе предвид оти славниот англиски клуб настапи без десетмина стандардни првотимци, поради повреди и суспензии (Пол Погба, Немања Матиќ, Антонио Валенсија, Андер Ерера, Хуан Мата, Алексис Санчез, Фил Џонс, Џеси Лингард, Антони Марсијал и Матео Дармијан).
Во вториот вечерашен дуел Порто беше подобар од Рома со 3-1 по продолженија, за да обезбеди место меѓу најдобрите осум екипи во ЛШ со вкупен резултат од 4-3 во двомечот. Напаѓачот на Порто Тикињо Соареш го отвори резултатот во 26-та минута, Даниеле де Роси изедначи во 36-та минута, за потоа Муса Марега да погоди во 52-та минута, односно Алекс Телес да реализира пенал во 117-та минута за триумф на португалскиот клуб.