Секој детаљ, секој допир, секое движење е клучно. Понекогаш не станува збор само за додавање на топката некому, туку кога. Дали да го направам тоа сега или една секунда подоцна, вели Артета, менаџерот на Арсенал

ФУДБАЛ – МИКЕЛ АРТЕТА, МЕНАЏЕР НА АРСЕНАЛ

Во интервјуто за „Скај спорт“, менаџерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Арсенал, Шпанецот Микел Артета (38), се осврнува на проблемот со креативноста што му недостига на тимот и објаснува зашто е уверен дека со младите сили и со засилувањата летово ќе биде подобро. Во продолжение дел од интервјуто.
Недостигот од креативност беше проблем во текот на фудбалската сезона во Англија и главен фактор за тоа што тимот се соочува со најлошиот пласман во претходните 25 години, пишува „Скај спорт“.
– Тоа подобрување бара трпеливост. Понекогаш сѐ се сведува на индивидуален квалитет, но целата структура е поважна за да бидете закана. Секој детаљ, секој допир, секое движење е клучно. Понекогаш не станува збор само за додавање на топката некому, туку кога. Дали да го направам тоа сега или една секунда подоцна? Разликата од 30 милиметри додавање може да промени сѐ – објаснува Артета.
Многу работи ќе зависат и од системот на игра што ќе го користи Артета на натпреварите. Тој почна да игра со тројца фудбалери во последната линија на одбраната на тимот, откако Арсенал ги загуби првите два натпревара по продолжувањето на сезоната, прекината во март поради пандемијата на коронавирусот.

– Моравме да најдеме начин како да бидеме постабилни и понепредвидливи. Пронајдовме формација за која верував дека може да ни одговара и излезе добро. Сакам да имаме разновидност. Ќе биде потешко да се игра против нас ако успееме да создадеме две или три различни формации без да ги збуниме играчите. Секогаш со истите принципи, но со можност да смениме систем, да напаѓаме и да се браниме на различни начини – вели Артета, од 2011 до 2016 година фудбалер на Арсенал, претходно и на Евертон, Сосиедад, Глазгов ренџерс, ПСЖ…

Артета има многу доверба во младите играчи на Арсенал. Неговата посветеност на младоста може да се види во фактот дека тој на 18-годишниот Букајо Сака му го даде дресот со број 7 за следната сезона. На новопристигнатиот Вилијам Салиба, уште еден тинејџер, доделен му е дресот со број 4. Покрај Сака и Салиба, има уште неколкумина, како Емил Смит Роу, играч што блескаше како позајмен во Хадерсфилд во втората половина од сезоната.

Новите фудбалери ќе треба да бидат способни да се приспособат на тие тактички барања, но она што е најважно за Артета е тие да ја демонстрираат посакуваната сила на карактерот.
– За мене, прашање број еден при ангажирање играч е каков е тој? Како ќе реагира во тешки моменти? Дали е лидер? Дали сака да ги турка соиграчите напред? Дали има лични или колективни амбиции – вели Артета. 


„Креативноста не мора да доаѓа од средниот ред на тимот“

Микел Артета, менаџерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Арсенал, се согласува дека креативците ќе бидат приоритет на Арсенал летово, но исто така посочува дека креативноста не мора да доаѓа од средниот ред на тимот.
– Тоа е една од областите што можеме да ги подобриме, но исто така колку се важни тие играчи ќе зависи и од начинот на кој ќе напаѓаме. Некои тимови тоа го прават поинаку. Ливерпул, на пример, не ги користи „џебовите“, но е многу ефикасен – вели Артета, најмладиот менаџер во Премиер-лигата сезонава, во интервју за „Скај спорт“.