Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија на вечерашниот меч (20.45 ч.) ќе се обиде да ја забележи втората победа во квалификациите за ЕП 2020 и да го заборави поразот од Полска (0-1)

Македонија вечерва (арена „Тодор Проески“, 20.45 ч.) ќе атакува на победа против Австрија во 4-то квалификациско коло, група Г, за Европското првенство (ЕП) 2020 во фудбал и на тој начин да го заборави петочниот пораз дома од Полска (0-1). Ова ќе биде прв официјален меч Македонија – Австрија во сениорска конкуренција.
– Очекувам повторно добра игра на Македонија, како на мечот со Полска и се надевам на победа. Мечот со Полјаците веќе е минато, но јас морам да повторам дека сум презадоволен од односот и залагањето на сите фудбалери. Треба да се има на ум дека е крај на сезоната, сите се исцрпени по тешките првенства, повреди и слично, но тоа се заборава кога се игра за репрезентацијата. Австрија има добри и лоши страни, ние го прегледавме нивниот меч со Словенија, играат бундеслигашки, така да се изразам, негуваат физичка и дуел-игра. Има најави дека некои стандардни репрезентативци нема да дојдат во Скопје поради премореност, меѓу нив речиси сигурен е Давид Алаба од Баерн, но ќе видиме, јас не се потпирам на тие најави, се подготвуваме како да се комплетни – вели селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија во 1-то коло беше подобра дома од Летонија (3-1), во 2-то ремизира на гости со Словенија (1-1), во 3-то загуби од Полска со што беше прекината серијата од пет победи едноподруго на домашен терен.

Против Полска, по подолго време, Македонија не успеа да даде гол.
– Немавме среќа на тој меч, не постигнавме гол, но се надевам дека против Австрија ќе биде поинаку, ќе одиграме добар натпревар и ќе дадеме барем еден гол – вели напаѓачот Илија Несторовски.

Австријците, кои се меѓу фаворитите во групата за пласман на финалниот турнир следната година, лошо ги почнаа квалификациите. Во 1-то коло загубија дома, во Виена, од Полска (0-1), а потоа во 2-то коло беа поразени на гости, во Хаифа, од Израел (2-4). Конечно на првата победа ѝ се радуваа во третата рунда, на мечот против Словенија во Клагенфург со 1-0.

Петочниот натпревар Македонија – Полска, полека паѓа во заборав, но од него треба да се извлечат некои поуки. Ако Македонија треба нешто да научи од тој меч е како да се победи со просечна, па и лоша „игра без игра“, без шанси, од полушанса и по грешка на противникот. Потоа и да се зачува својата мрежа. Македонија беше рамноправна, на моменти подобра и поамбициозна од реномираниот противник, но не успеа да најде начин како да ја пробие нивната одбрана. Полјаците по голот во 47-та минута, се повлекоа на својата половина и успеаја да се одбранат и да ја зачуваат својата мрежа. Македонија имаше теренска иницијатива, се обидуваше преку страничните позиции и со нафрлени топки да создаде некоја шанса, но одбранбените играчи на Полска секогаш беа на вистинското место. Полјаците не одиграа квалитетно, победија на искуство и на рутина.

– Против Полска одигравме најдобро што можеме во моментот. Што се однесува до примениот гол мислам дека моравме подобро да реагираме. Но покажавме дека можеме да се носиме, да играме рамноправно и со репрезентации како што е Полска. Во второто полувреме немавме намера да играме со нафрлени топки, но Полјаците се повлекоа и ситуацијата наложуваше такво нешто – истакна Ангеловски, кој ѝ се заблагодари на публиката, која дојде во голем број да ги бодри македонските фудбалери.

Младиот, 19-годишен, Елиф Елмас, кој одигра добар меч против Полска, поради повреда и оток на скочниот зглоб најверојатно нема да настапи на вечерашниот дуел. Според селекторот Ангеловски, постојат само 30 отсто шанси тој да игра.


Австрија е 45-та европска репрезентација со која ќе игра Македонија

Натпреварот со Полска во петокот, во квалификациите за пласман на фудбалското Европско првенство во 2020 година, беше јубилеен 200-ти за Македонија против репрезентации од Европа.
Вечерва Австрија ќе биде 45-та селекција од Стариот Континент со која Македонија ќе одигра еден меч. Црвено-жолтите досега не играле уште со девет европски репрезентации, и тоа со Германија, Франција, Сан Марино, Швајцарија, Косово, Грција, Казахстан, Фарските Острови и со Северна Ирска. Г.М.


Ангеловски ќе израмни рекорд

Игор Ангеловски со денешниот меч со Австрија во Скопје, во квалификациите за пласман на фудбалското Европско првенство во 2020 година 31. пат ќе ја предводи Македонија како селектор и со тоа ќе се израмни со досегашниот осамен рекордер на таа листа, Драган Канатларовски. На листата понатаму следуваат Ѓоко Хаџиевски со 28 меча, Среќко Катанец со 27 итн. По 30 меча, Ангеловски има позитивен скор со 13 победи, шест ремија и 11 порази, со вкупна гол-разлика 47-31. Г.М.


МАКЕДОНИЈА – ПОЛСКА 0-1 (0-0)

Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 25.000. Судија: Џанлука Роки (Италија). Стрелци: Пјонтек 47’. Жолт картон: Муслиу, Барди (Македонија), Беднарек (Полска). Црвен картон: Муслиу (Македонија).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски (Адеми 75’), Бејтулаи, Велковски, Муслиу, Алиоски, Барди, Николов (Трајковски 62’), Елмас, Пандев (Хасани 84’), Несторовски.
Селектор: Игор Ангеловски.
ПОЛСКА: Фабијански, Кедзиора, Беднарек, Глик, Бережински, Глик (Горалски 90’), Кричовијак, Франковски (Пјонтек 46’), Гросицки (Рибус 69’), Зјелински, Левандовски.
Селектор: Јиржи Брзечек.


Јубилеј – еден милион гледачи

На мечот во петокот помеѓу Македонија и Полска, во квалификациите за пласман на фудбалското Европско првенство во 2020 година, според процените на трибините, на арената „Тодор Проески“ се најдоа околу 25.000 гледачи, со што вкупната бројка гледачи досега на стадионот во Скопје, кога играла Македонија, надмина еден милион.
Според неофицијалната статистика, од првиот меч на македонската фудбалска репрезентација во Скопје, одигран на 23 март 1994 година, кога гостуваше Словенија во тест-натпревар (победи Македонија со 2-0, со головите на Жарко Серафимовски и на Зоран Бошковски) и кога имаше околу 20.000 гледачи, до петокот црвено-жолтите на арената во Скопје ги виделе неколку илјади повеќе од еден милион гледачи. Заедно со мечевите играни во Прилеп, Струмица, Кочани, Тетово и во Куманово таа бројка е над 1,05 милион гледачи.
Се проценува дека досега македонската репрезентација (дома, на гости и на неутрален терен) вкупно ја виделе над 2,6 милиони гледачи. На гости најмногу гледачи имаше на дуелот со Англија (0-0) во Манчестер, кога на 7 октомври 2006 година на стадионот „Олд Трафорд“ имаше 72.062 гледачи. Г.М.


По три кола, по шест селекции без пораз и без победа

По првите три кола од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година со по максимални три победи се Северна Ирска (група Ц), Шпанија (Ф), Полска (Г), Турција, (Х), Белгија (И) и Италија (Ј). Од нив без примен гол се Италија (гол-разлика 11-0), Турција (8-0) и Полска (4-0). Нивните одбрани се на тест во четвртото коло, вечерва Полска дома со Израел, а утре Италија дома со БиХ и Турција на гости кај Исланд.
Светскиот првак Франција загуби на гостувањето кај Турција со 0-2 во 3-то коло. Од другите, Германија и Италија славеа сигурни победи без примен гол на гости, а викендов највисоката победа ја оствари репрезентацијата на Русија, дома, на дуелот со Сан Марино, 9-0. На таа средба четири гола постигна Артем Дзјуба.
По три меча (до вчера) без освоен бод се Белорусија, Фарските Острови, Летонија, Андора, Сан Марино и Лихтенштајн. Во овие квалификации за ЕП ниту еден гол до неделата не постигнаа репрезентациите на Гибралтар (на два меча), Андора, Сан Марино и Лихтенштајн (сите од три средби).
Квалификациите продолжуваат вечерва, а Македонија во Скопје игра со Австрија. Г.М.


Александар Трајковски е 11-от фудбалер со 50 меча за Македонија

Александар Трајковски со настапот на мечот од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година, со Полска, во Скопје, стана 11-от македонски фудбалер со барем 50 настапи за репрезентацијата на Македонија. Границата од 50 натпревари за Македонија прв ја достигна Артим Шаќири во 2002 година, а потоа педесетката ја стигнаа Гоце Седлоски, Петар Милошевски, Величе Шумуликоски, Игор Митрески, Горан Пандев, Влатко Грозданоски, Николче Новески, Ванче Шиков и Иван Тричковски. Г.М.