Вечерва и утревечер ќе се одиграат реванш-натпреварите од осминафиналната рунда, по што ќе следува завршницата во четири града во Германија, од 10 до 21 август
По завршувањето на националните фудбалски шампионати, на ред се завршните нокаут-натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), по речиси петмесечниот прекин (од 12 март) поради пандемијата на ковид-19.
Прво продолжува второто по ранг натпреварување, ЛЕ. со вечерашните и утрешните осминафинални реванш-мечеви. Два од осумте меча, Интер – Хетафе и Севилја – Рома, кои беа одложени во март, ќе се одиграат на неутрални терени во Германија, во Гелзенкирхен и во Дуисбург.
Завршницата, четврт-финалето, полуфиналето и финалето (од 10 до 21 август), ќе биде во четири германски града, во Гелзенкирхен, Дуисбург, Дизелдорф и во Келн, на празни стадиони, без публика. Финалето, пак, треба да се одигра во Келн, на 21 август.
На екипите ќе им биде дозволено да направат по пет замени (наместо по три), но за да има помалку прекини, замените на фудбалерите ќе мора да бидат во три наврати, не вклучувајќи ги промените на полувремето, на крајот од 90 минути и пред продолженијата, како и на полувремето помеѓу двете продолженија. Дополнителна замена ќе биде дозволена во евентуалните продолженија од 2х15 минути. Наместо 18 играчи, што беше дозволено само за финалето, сега тренерите ќе имаат на располагање по 23.
Во осминафиналната рунда има шест тима претходни победници во Купот на УЕФА или во ЛЕ. Тоа се Севилја (5), Интер (3), Манчестер Ј., Шахтар, Баер и Ајнтрахт, сите по еднаш.
Манчестер јунајтед и Интер се сметаат за главни фаворити за триумф, пред Баер, Вулверхемптон, Севилја и Рома.