Евертон и Ливерпул ремизираа, 2-2, но клучните одлуки на мечот ги донесе ВАР
Евертон и по цела деценија останува без победа во дербито Мерсисајд во англиската фудбалска Премиер-лига, по ремито со Ливерпул (2-2) на свој терен, во дуелот што донесе многу возбудувања, „неизбежен“ црвен картон, повредени играчи и неколку контроверзни одлуки на ВАР, на штета на Ливерпул.
Голманот на Евертон, Џордан Пикфорд, избегна црвен картон по неконтролираниот прекршок над Вирџил ван Дајк во деветтата минута, по што дефанзивецот на Ливерпул мораше да го напушти теренот. Пикфорд не беше санкциониран, затоа што во акцијата имало офсајд. Во судиското дополнување на времето, Ливерпул постигна гол преку Џордан Хендерсон за 3-2, но повторно на сцена стапи ВАР и утврди, како и во случајот со Ван Дајк, дека Садио Мане бил во офсајд во подготовката на акцијата. Повторно стануваше збор за милиметри, што сигурно следните денови ќе предизвика доста полемики за толкувањето на правилото што е офсајд, а што не. Во врска со тоа и Ливерпул испрати писмено барање до Премиер-лигата за утврдување и расчистување на дилемите кога и во која позиција напаѓачот е во офсајд.
– Снимката што ја видов веднаш на лаптопот не покажува пазуви, нема ништо, едноставно не сме во офсајд. Слично беше и со Ван Дајк и инцидентот со Пикфорд. Не ми е јасно која е линијата во која сте во офсајд – изјави менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп.
По традиција, не изостана борбената игра, ниту црвен картон (го доби Бразилецот Ричарлисон од Евертон за грубиот старт над сонародникот со шпански пасош Тијаго Алкантара). Тоа беше 22-от црвен картон во меѓусебните дуели во ерата на Премиер-лигата (рекорд), од кои 15 се за фудбалерите на Евертон.
Од фудбалските случувања на теренот ќе биде забележано дека Ливерпул останува непоразен од Евертон и по 23 меча во сите конкуренции, што е најдолга низа во клупската историја против кој било ривал. Мохамед Салах го постигна 100-от гол за Ливерпул, на 159-от меч, третиот играч со ваков ефект, зад Роџер Хант (на 144 меча) и Џек Паркинсон (153). Доминик Калверт-Луин, пак, е првиот играч на Евертон, по Томи Лотон во сезоната 1938/1939, што постигнува голови на петте воведни меча во сезоната и четврти во ерата на Премиер-лигата, по Хозе Антонио Рејес од Арсенал (2004/2005), Вејн Руни од Манчестер Ј. (2011/2012) и Серхио Агуеро од Манчестер С. (2019/2020).