Процената е дека моментно 20-те клуба се поделени околу предлогот за враќање на пет измени за време на еден натпревар

ФУДБАЛ

Англиската фудбалска Премиер-лига е против кампањата предводена од најголемите тимови да се растовари тековниот згуснат календар на натпревари, но ќе ги покани клубовите до крајот на месецов, третпат, да гласаат за да има по пет замени на натпревар. Челниците на Премиер-лигата беа изненадени од критиките на менаџерите на Манчестер сити, Манчестер јунајтед и на Ливерпул, Оле Гунар Солскјер, Пеп Гвардиола, односно Јирген Клоп, во врска со термините на натпревари по европските дуели, како и одлуката да се дозволат по пет замени сезонава, пишува британскиот „Телеграф“.
Особена вознемиреност предизвика Клоп, со тоа што сугерираше дека Ричард Мастерс, извршниот директор на Лигата, покажал „недостиг од лидерство“ во два наврата не успевајќи да ги натера клубовите да се спротивстават на враќањето на трите замени. Одлуката да се дозволат по пет замени би ја приближила Премиер-лигата до УЕФА и до другите големи европски лиги, во кои се дозволени по пет замени.

Процената е дека моментно 20-те клуба се поделени околу предлогот за петте измени. Помалите клубови во Премиер-лигата веруваат дека најдобрите клубови се залагаат за повеќе замени, бидејќи имаат поширок избор на квалитетни фудбалери и со тоа би биле во предност пред ривалите.
Но барањата на Манчестер јунајтед, Сити и на Ливерпул за укинување на саботниот пладневен термин за тимовите што играле натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ) таа недела, би требало да бидат одбиени, како од раководните лица на Лигата, така и од ТВ-компаниите. Загриженост во врска со повредите и со исцрпеноста на играчите изрази и Асоцијацијата на професионални фудбалери (ФИФПРО), која предупреди на потенцијалното негативно влијание врз репрезентациите што ќе настапат на Европското првенство (ЕП) в година и на Светското првенство (СП) во 2022 година.

ФИФПРО, која застапува повеќе од 60.000 играчи во светот, вели дека е „чудно што Премиер-лигата не дозволува пет замени“. Премиер-лигата допрва треба да го договори ТВ-распоредот за божиќниот период.