Мислам дека сите би сакале да играат дома и на гости, доколку е можно. И јасно се гледа дека некои клубови повеќе се за таа идеја отколку другите. Разговаравме со властите за условите, но тоа е дијалог што ќе тече, вели извршниот директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс
Англиската фудбалска Премиер-лига ќе се обиде да ги убеди властите во Велика Британија да дозволат натпреварите да се доиграат на домашните, а не на неутрални стадиони. Тоа е првата од неколкуте пречки што треба да се надминат за да продолжи Лигата, откако Владата најави дека постојат шанси фудбалот да продолжи да се игра од јуни, пренесува „Гардијан“. Но и по петтиот состанок по прекинот на сезоната во март, плановите уште се нецелосни и првпат клубовите отворено разговарале за можноста за кратење на сезоната.
Владата ги обелодени плановите за олеснување на мерките и за забраните поврзани со пандемијата на коронавирусот. Тие вклучуваат можно продолжување на „културните и спортските настани“ што може „да се одвиваат зад затворени врати, со можност за ТВ-преноси, а истовремено да се избегне ризикот од поголем социјален контакт“. Ова не би можело да се случи пред 1 јуни, а ќе зависи од исполнувањето на петте теста на Владата за намалување на ширењето на вирусот.
За Премиер-лигата најголем проблем во моментов е играњето натпревари на неутрални стадиони и спречувањето масовни собирања на гледачи околу нив. Шесте последнопласирани клуба на табелата се против играње на неутрални стадиони, тврдејќи дека недостигот од предноста на домашен терен ќе му наштети на натпреварувањето. На овие клубови им се придружи и Њукасл, по што беше решено идејата да се ревидира.
– Мислам дека сите би сакале да играат дома и на гости, доколку е можно. И јасно се гледа дека некои клубови повеќе се за таа идеја отколку другите. Разговаравме со властите за условите, но тоа е дијалог што ќе тече – вели извршниот директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс.
Се очекува клубовите да одржат разговори со локалните власти за можноста да се игра на домашните стадиони. За тоа прво треба се испочитуваат медицински протоколи, меѓу кои, како за почеток, е безбедното почнување со тренинзите, се вели во написот на „Гардијан“. Медицинските протоколи беа изработени во соработка со клупските лекари, од кои некои изразија загриженост за содржината. Лигата допрва треба да подготви протокол за тренинзите и за безбеден контакт.
На следниот состанок со играчите, утре, ќе се бара нивна согласност, што ќе биде од огромно значење на патот на реализација на плановите за рестартирање на сезоната. Мастерс вели дека клубовите првпат разговарале и за можноста да не заврши сезоната.
– Да, беше спомнато и тоа, но содржината од таа дискусија мора да остане доверлива. Она што можам да кажам е дека целиот фокус беше насочен на завршување на сезоната – вели Мастерс.
Потенцијалното рестартирање на натпреварите е предвидено за почетокот, најдоцна за средината на јуни, но Мастерс не сака да се врзува за можни датуми.